Во Македонија оперира пирамидална штедилница
Шопинг по кој следат повеќе попусти. Пораст на средствата што сте ги вложиле. Акции во апликација која ќе расте бидејќи светот во иднина ќе пазари со електронски кредити.
Вака звучат ветувањата при понудата на агентите на апликацијата „Мојот Свет“ да авансирате средства во сметка за која велат дека по одреден период ќе ви заработи доволно многу пари за безбедна иднина.
Се нудат базични пакети со авансирање на 500 евра, сè до 5000 евра. Според понудите, ќе добивате попусти во неколку трговски марки во Македонија, но и во 56 држави надвор од дома. И сето тоа преку веб-апликација со шопинг поени кои секогаш се троцифрени и звучат примамливо за граѓаните.
Редакцијата на „25 Минути“ стапи во контакт со маркетери на оваа апликација, за да го утврди начинот на кој на граѓаните им се нуди сигурна иднина.
Фирмата Лајонес, која прерасна во My world (Мој свет), во многу земји во светот е под истраги и судски пресуди за измами како пирамидална штедилница со Понзи шема – оваа фирма оперира со години во Македонија, иако и во државава се водат судски процеси.
Гостин во 25 минути е Блажо Трендафилов, директорот на Управата за финансиско разузнавање, кој вели дека предистрагите се тајни и не смее да се соопштуваат детали. Но, порачува- не наседнувајте на измами, затоа што ветувањата за лесно заработени пари доведуваат до тешки судбини. Ќе слушнете и како агенти од Мој свет на новинарите на 25 минути им нудат лесна заработувачка доколку вложат до 3.000 евра и ветуваат купување шопинг поени и подарување на акции, кои не постојат воопшто на берза.