Неговото прво убиство било на 14 години. Оттогаш, во спомените на оваа земја станува запаметен како Касапот.
Кога имал отприлика 18 години, во Мариовските планини наишол на јагленари. Не биле аскер, кој би бил закана за него, не биле воопшто наоружани и ништо апсолутно не му направиле. Биле 15 луѓе на број. Сите ги убил.
Тоа е Андон Ќосето. Едвај да бил писмен. Неговиот јазик, неговото слово, неговото се- била егзекуцијата. Само така можел да опстане и само тоа му било причина за сепство.
100 години подоцна, Владата предводена од Никола Груевски на Ќосето му подигна споменик пред Кривичниот суд. Симболична порака, особено за политичките затвореници кои избегнале можеби физичка ликвидација, но на секој друг начин тие се егзкутирани, за да не им се чуе ниту име, ниту глас, тогаш кога триумфира ќосевизмот во срцето на Груевски.
Неговите последни денови на изборната кампања ги одбележа заканата кон Заев. Говорејќи на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, Груевски му порача: “Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек- му порача Груевски на Заев, како што објави Република”. Тогаш тој посегна по Ќосето, со тоа што не само што му се закани директно на Заев, туку и прати овластување до сите негови потенцијални ќосиња, дека теренот е отворен за касапење. После неговите касапски загари, откако полето за натпревар за масакрирање беше отворено, дури после, се охрабрија и разулавеа, како онаа ноќ пред ДИК, декември 2016, кога започнаа повиците за ликвидации. Антонио Милошоски ја повика ДИК „или да ја признае волјата на народот, или да се соочи со гневот на народот“.
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Валентина Божиновска, говореше за “вечер на ножевите, вечер или на разумот или на лудилото, на еден човек, на последниот македонски предавник- Зоран Заев.” Насобраната толпа бараше „гасни комори за Шиптари“, порачувајќи дека „Ќосето е жив“.
Поминаа неколку години од овие колумни што сум ги објавувала во НОВА. Сеедно, соништата за Ќосето остануваат живи. Овојпат, градоначалничката на Скопје, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, најавува негово враќање.
Тоа е сон за враќање на една заробена држава, во која на сила беше само теророт, насилствата, уцените, заплашувањата, нерешените сообраќајки, притисоците, корупцијата, непрочистените списоци, лажирањето на избори, убивањето на слободни медиуми.
Иако се оградуваат од Данела Арсовска, не го слушнав ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Мицковски, да протестираат за враќањето на споменикот на Ќосето. Наспроти тоа, слушнавме за тортурата која им ја правеле политичарите од меѓународната заедница, вклучувајќи го и Габриел Ескобар, заменик државен секретар на САД. Тој на два дена дојде во Скопје, да ги слушне лично аргументите на Мицковски за странската тортура, наратив кој заканувачки потсетува на времињата на Груевски.
Помеѓу ќосињата и преговори со ЕУ, изборот е јасен.