Секоја година, особено кога доаѓа пеколно лето, пишувам за странските амбасадори во земјава, со надеж дека ќе се вразумат. Дека ќе ги слушнат нашите молитви да не одат никаде, да не нѐ напуштат, да не заминат на одмор, или во своите земји, папсани од нашите огромни очекувања и милионски побарувања.
Посакуваме да се прескокне летото, за да не се раштркаат низ светот, додека ние ги демнеме и ги чекаме низ станиците, чуваме стража насекаде, распоредени низ земја и копно, дури и го надгледуваме и воздухот, за да не го пропуштиме нивното конечно враќање. Стравуваме кога заминуваат, тоа значи дека не забораваат барем некоја недела, додека скоро цела држава станува потпалена, за да стане целосно запалена како одминуваат часовите, веќе не се ни денови. Оттаму, од нивните матични земји, амбасадорите слушаат за нашите денови во пламен, кои прераснуваат во недели и веднаш ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата, која на нашите политичари не им допира во свеста, но, добро, не е се во корупцијата, некогаш повеќе е во квоциентот на интелигенцијата на нашите политичари. Затоа што, зарем не се потребни барем минимални мозочни активности, за да се престане да ви изгледа неважно и да ви биде сеедно секоја година како гори државата, а вие немате намера да сторите нешто за што сте бирани и преплатени. И по тоа ќе бидете запамтени. Можете и да изгорите со вашите најмили, зарем тоа не им паднало барем еднаш на ум?
Затоа владее таа тага во земјава кога амбасадорите заминуваат во летниот период, но помешан е тој жал сепак со радост- не нѐ забораваат, сепак ни испорачуваат помош во авиони за гасење пожар, но и друга неопходна опрема, и се разбира и чети пожарникари, кои традиционално се крстат на каков хаос налетуваат во Македонија. Но, амбасадорскиот поход низ светот удира во сите болни и крвави точки, не се само пламените јазици кои ќе не проголтаат да не е странската помош.
Погледнете го само ѓубрето- бесни сме, разбирливо, очекувањата се секогаш високи кога станува збор за сопственото ѓубре, за кое македонските политичари секогаш очекуваат сите останати да го исчистат. Сетете се само на сликите низ деценииве, додека амбасадорите го чистат ѓубрето насекаде низ Македонија, во исто време нашите великани од политичари ги гледаат со скрстени раце и им даваат наредби- тука малку полево, пред вашите очи, зошто ова ѓубре нешто сте го занемариле, да не ви е испод чест господа да ни го исчистите ѓубрето, вашето да не е поаристократски примерок? Нашите политичари се огорчени и гневни луѓе, особено кон амбасадорите, разочарани летово дека некако изгледаат незаинтересирани за обврските кои, каква иронија, не се нивни, туку исклучиво на градоначалниците и властите во земјава- да се чисти ѓубре побогу. Но, така изгледа се во оваа прекрасна земја- тие не школуваат, ни ги градат и опремуваат болниците и школите, ни ги градат патиштата, ни го чистат ѓубрето, за да можеме утредента се да избербатиме и уништиме.
Како беше пред некоја година, зарем мора истото да го пишувам?
“Она што длабоко ги разочарува е амбасадорската опуштеност и лежерност за време на летниот период. Без да имаат макар трошка свест и совест, тие заминуваат по одмори насекаде низ светот и нè забораваат. Просто, со нивното снемување, тие објавуваат дека се игнорантни во овој период, едноставно не се во можност да ни го чистат ѓубрето со нивната неверојатна посветеност, која трае со години. Ѓубрето се таложи и не затрупува, сега веќе го расфрламе повеќе од лутина и огорченост што сме отфрлени од амбасадорите, ни се чини засекогаш. Катастрофата особено нè погодува ова лето, сега настапи ера на климатско вриење, свесни дека сме на удар на екстремно високи температури, кога ѓубрето дополнително смрди до корнење, до онесвестување. Нашето ѓубре е тажна приказна за сите нас, која почеток има, но никаков крај не е на повидок. Мора да е голема привилегија да се биде градоначалник на град Скопје, како и на останатите општини. Градоначалници кои се затрупани во ѓубре и гледаат пред себе слики од амбасадори кои чистат. Којзнае колку на нашиве градоначалници овие слики им се смешни, забавни, неверојатно расположувачки. Бесрамна е оваа приказна.”