Што се правеше овие 33 години независност на Македонија, пред вас е најлесното прашање воопшто. Се пиеше вино, се правеше лом, се бербатеа голем дел од нашите драги политичари, паѓаа опиени од моќта и парите кои се истураа безобразно, се слеваа додека сите не се подавивме од нивната алчност. Никогаш навистина не паѓаа, не треснуваа, не се покајуваа, не одговараа, ќе ги затресеа пантолоните ако се потслизнеа, ќе ја вратеа широката насмевка, ќе ни се изнасмееја кога ќе проговоревме. Никогаш за нив не беше тоа доволно гласно или доволно отрезнувачки, ниту опасни сме биле, ниту доволно одлучни да ги спречиме да продолжат, како ништо да не било.
Го славиме Денот на независноста без таткото на државава, Киро Глигоров, кому само едно основно училиште му подаривме, го именувавме колку срамот да не биде поголем од нашите порази. А ги имаме премногу, тие наши порази, многу повеќе од подемите.
Од оние кои го дале својот живот за оваа земја останаа само искршените спомен-плочи, нивните избришани имиња, избербатени од единствените посетители, гулабите. Низ деценииве станавме голубарник на незнајните херои. Кој ќе се вознемирува за вандалите, кој ќе ги гони бандитите, нема време за градење на оваа земја.
Годините се трошат во уривање, во ограбување, во осиромашување на луѓето кои се согласуваат и се помируваат со мизеријата, која господата полтичари ја нарекуваат традиционално скромна трпеза.
На таа софра судството и обвинителството прават се за не се бидат ставени на мени корумпираните политички глави, ниту пак нивните смее да бидат ставени под прашање. Граѓаните од бесни, револтирани, борбени, станаа апатични, разочарани, пасивни и неми набљудувачи на сопствениот живот. Некои низ сиве овие децении решија да се согласуваат тивко и покорно и да останат, се додека не беа целосно згазени и засрамени од самите себе. Се пакуваа најбрзо што можат, заминуваа уште побрзо, не сакаат да се завртат дури и кога им мавтаа нивните, покосени што можеби никогаш нема да ги видат, тупи од болка што морале сепак да останат, веројатно принудени, нема друго објаснување.
Останавме малку, доволно сме сепак за една мала честитка- Среќна независност, борбата продолжува.