Неговото прво убиство било на 14 години. Оттогаш, во спомените на оваа земја станува запаметен како Касапот.
Кога имал отприлика 18 години, во Мариовските планини наишол на јагленари. Не се работело за аскер, кој би бил закана за него, не биле воопшто наоружани и ништо апсолутно не му направиле. Биле 15 луѓе на број. Сите ги убил.
Тоа е Андон Ќосето. Едвај да бил писмен. Неговиот јазик, неговото слово, неговото се- била егзекуцијата. Само така можел да опстане и само тоа му било причина за сепство.
100 години подоцна, Владата предводена од Никола Груевски на Ќосето му подигна споменик пред Кривичниот суд. Симболична порака, особено за политичките затвореници кои избегнале можеби физичка ликвидација, но на секој друг начин тие се егзкутирани, за да не им се чуе ниту име, ниту глас, тогаш кога триумфира ќосевизмот во срцето на Груевски.
Неговите последни денови на изборната кампања ги одбележа заканата кон Заев. Говорејќи на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, Груевски му порача: “Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек”- му порача Груевски на Заев, како што објави тогаш Република. Тогаш тој посегна по Ќосето, со тоа што не само што му се закани директно на Заев, туку и прати овластување до сите негови потенцијални ќосиња, дека теренот е отворен за касапење. После неговите касапски загари, откако полето за натпревар за масакрирање беше отворено, дури после, се охрабрија и разулавеа, како онаа ноќ пред ДИК, декември 2016, кога започнаа повиците за ликвидации. Антонио Милошоски ја повика ДИК „или да ја признае волјата на народот, или да се соочи со гневот на народот“.
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Валентина Божиновска, говореше за “вечер на ножевите, вечер или на разумот или на лудилото, на еден човек, на последниот македонски предавник- Зоран Заев.” Насобраната толпа бараше „гасни комори за Шиптари“, порачувајќи дека „Ќосето е жив“.
Поминаа неколку години од овие колумни што сум ги објавувала во НОВА. Сеедно, соништата за Ќосето остануваат живи. Пред повеќе од една година, градоначалничката на Скопје, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, најавуваше негово враќање. Сега сонот за Ќосето повторно се враќа на сцена, но овојпат кај молот Ист Гејт, што е најдобрата идеја воопшто смислена. Ѓубрето на паркингот спроти овој мол и реата која ја шири може единствено да ја сопре крволочното Ќосе, отворено заканувајќи се на сите градоначалници на скопските општини кои ја земаат како изговор исклучиво Арсовска за сопствената неспособност да се справат со работата за која се избрани и платени.
Враќањето на Ќосето е сон за враќање на една заробена држава, во која на сила беше само теророт, насилствата, уцените, заплашувањата, нерешените сообраќајки, притисоците, корупцијата, непрочистените списоци, лажирањето на избори, убивањето на слободни медиуми. Враќање на груевизмот на голема врата. Така мислат само наивните. Оваа нова ера на владеење на Мицкоски е далеку од вакви апокалиптични сценарија. За сето тоа сепак треба многу работа. Од власт која се плаши да се справи со ноќните дивеења на колите на Партизанска, не може да очекувате да биде амбициозна за посериозно засукување на ракавите и желба за градење на една подобра држава.
Стоте дена заканувачки истекуваат за нив, како што нервите на граѓаните се повеќе се истенчуваат.