Прашајте ги луѓето во оваа земја од што живеат. Сите едногласно ќе ви кажат- од патриотизам, пријатели. Тоа е понудата, најдобрата секогаш, особено кога ќе дојде на власт драгата ВМРО- ДПМНЕ.
Да не мислите дека велам дека СДСМ се нешто позагрижени за граѓаните, ајде де, не сме од вчера, никој тука одамна не е ниту наивен, ниту политички дилетант. Тие се само поголеми фолиранти во изразување на чесните намери, каде приоритетните реформи се закочени од нивната историска мрзелививост со истетовирана максима на челото “лако чемо”.
Албанските партии за жал се само несреќен дел од таа безгрижно неподнослива култура на постоењето. Бескрајно гладни за власт и моќ што подразбира само алчност за пари, многу, никогаш доволно пари. Тие соништа за колекционизам за златници ги помрачуваат секогаш нивните првични чесни соништа за реформи и ЕУ членство. Неизживеаноста секогаш ги јаде своите деца. Затоа се фаќаат македонскиот и албанскиот блок за единственото вредно оружје- национализмот, најлесната карта за секоја примитивна власт.
Тој национализам патува низ забрзаните македонски срца кои отчукуваат во 7/8 и низ празните стомаци на занесените граѓани, гладни за замачкување очи дека се работи за патриотизам, кога им вели власта- удрете прст на челото, ние сме тие што ја сакаме оваа земја. И кој да им каже на тие луѓе- што е навистина патриотизам. Не, не е патриотизам онаму каде што ви е името на земјата. Ниту знамето каде што ви се вее. Ниту таму каде што политичарите паѓаат на колена и плачат за сите неправди на ЕУ, Бугарија и Грција, бакнувајќи го знамето, како да е навистина најсветлата точка од која нема враќање.
Патриотизам не е ајварот кој го јадеме, патриотизам е сосема нешто друго, тоа е земјата во која сакаме да се будиме, да се раѓаме и да умираме. Патриотизам е земјата во која со радост сакаме да живееме.
Затоа, нека заборават на измислените приказни за патриотизам, кој е задоцнет и лажен, тогаш кога во Софија не се поставило македонското знаме на средбата на претседателката Силјановска и нејзиниот бугарски колега, Радев. Затоа што, вистински патриотизам е да не поставувате партиски кадри во вашиот сопствен протокол. Да ја заборавите вашата специјалност во владеењето- партијата е единствената причина за вашето будење на патриотски будалаштини и заспивање со слатки соништа.
Патриотизам сега ќе биде и поинаква мелодрама од онаа која ја нуди засега Мицкоски- кога држи говор насред Брисел- за фрустрациите низ деценииве, кога никогаш не станавме членка. Патриотизам може да биде само едно- нека биде и таквиот говор ако баш инсистира, но со испорачани реформи за добивање финансиски средства од изворот на тие фрустрации- ЕУ. Досега не видовме од оваа власт таков вид на патриотизам, но фер е да се каже дека е се уште прерано да се очекуваат такви пресврти. Се додека не стане предоцна.