25 минути

Жената на која сѐ и е јасно

Тажна е оваа држава по која чекориме, низ вековите. Најдоброто нешто што може да ни се случи низ деценииве е секогаш повторното доаѓањето на ВМРО- ДПМНЕ на власт.

Само оваа партија може да ги разбуди заспаните и сурови срца на светот, последното е на шефицата на германската дипломатија, Бербок. Средбата на Муцунски со неа и жалните факти за сите нанесени неправди кон земјава кои и ги изнеле на Бербок, ја трогнале многу министерката, но што може таа да направи во овој безобѕирен свет.
Сме менувале имиња, знамиња, сме биле блокирани и изолирани, да- ве гледаат студено и ви велат- што да се прави, тоа е светот на жртвите на малите и неважните. Среќата е на наша страна, сепак. ВМРО- ДПМНЕ е голема партија, моќна, беше најбогата во Европа, сигурно и сега се држи одлично. Владее во најсиромашната земја во Европа, со утепан во секој смисол народ. Финансиски, образовно, здравствено. На овој народ му се нуди несвитканата кичма за доручек, ручек и вечера. Како замена за достоинствен живот, нешто повеќе на трпезата од ајвар и сирење и бел леб од најевтиниот, по некој зимски и летен одмор, мала безгрижност во студенилото од живот кој сите го имаме. Освен избраните одговорни за ваквата мизерија од животец.

Во нашиот свет нема луѓе кои одат со наведната глава кога се соочуваат со сопственото семејство на трпезата, а со крената глава кога ги слушаат мудрите пораки на Мицковски дека не попуштаме, ние гордите Македонци. Опкружени сме со луѓе кои им се колнат на бедните околу нив дека се патриоти, а секојдневно се прегрнуваат со истите оние кои ја продуцирале несреќата на гладните, понижените, обесправените.

Тоа е вистината на оваа земја која ја знае и германската министерка Бербок и затоа е и студенилото на нејзиниот одговор за обврските на власта. Затоа и така изгледаат сите овие наши години на неправди и жртви. Време е тоа и да им се каже на моќните и богатите од власта, на нивните поддржувачи од сите делови на ова мало парче земја. Време е.