25 минути

Скопје, тага ти ќе бидеш

На прославата на 13 Ноември, ослободувањето на Скопје, единствено што мораше да се направи ако бевме чесни- да пуштевме сирена, која ќе пиштеше сѐ додека по вторпат не биде ослободено.
Тогаш ќе заврши и сиот тој наш молк со кој го окупиравме Скопје. Груевизмот кој го зароби Скопје победи благодарејќи на хорските кукања и лелекања на социјалните мрежи. Тоа не ги спречи градителите на културниот геноцид да го изградат ова наше Потемкиново село.

Државите и градовите не се ослободуваат на Фејсбук, господа. Жртвите кои се полагале за да можеме да ја дишеме оваа слобода, се бројат со десетици, стотици илјадници. Наследството кое ни го оставиле вистинските борци тука е сфатено со неподнослива леснотија. Печатот кој ние ќе го оставиме во историјата ќе биде нашиот молк.
За согласноста со дишењето на отров во Скопје, пеејќи за радоста која ни ја носи. За ѓубрето во кое сите сме потонале, незаинтересирани да го браниме навистина Скопје, за кое се колнеме дека е наше, но одамна го предадовме и него, и сите оние 426 борци кои загинале за него и за нас.
За молкот за сѐ, не се залажувајте за вината на политичките првенци. Ние сме им дозволиле да чекориме по урнатиниве на државава. Не е во нив проблемот, туку во нашето паразитско поимање за нашата улога, зошто воопшто доаѓаме на овој свет. Секако не за да изградиме за себе Маркови кули, сопствениот живот да го мериме преку финансиско богатство. Единствената единица мерка за вредноста на живот може да биде само преку оставање на поинакво наследство- она што подразбира некакво општо добро е да бидеме некакво мало камче преку кое се градат светлини од светови, за да станеме подобро место за живеење.
Ние сме неспособни генерации, зачмаени во глупоста која сами ја искреиравме, мислејќи дека сѐ започнува и завршува со една револуција, во случајов нашата Шарена.

Историјата на човештвото, на формирање на државите, на демократијата познава вековни борби, револуции, протести, маршеви, битки кои никогаш немаат крај. Ние сме заспани во лелекањата и тажаленките како не ни успеала само оваа една револуција, Шарената. Не ни се виновни ниту Груевски, Данела Арсовска, ниту СДСМ, ниту сегашново ВМРО- ДПМНЕ.
Криви сме само ние и никој повеќе.