25 минути

Што му се случи на тој човек

“Слава на Господ. На големиот христијански празник Пречиста Богородица, Пресветата Божја Мајка се појави во божјиот храм Св. Никола во Скопје Север, Општина Бутел. Слава на Господ“, напиша на Фејсбук градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, пресветлиот кадар на ВМРО- ДПМНЕ.
Што всушност му се случило на овој човек, кој би требало да биде политичар, а не занесено и потресено религиозно лице? Костовски видел слика на Богородица на свеќа и решил да ја извести јавноста за ова чудо на столетието. Слично како Никола Груевски пред повеќе од една деценија, кога одеше како во транс по цркви и проверуваше со лупа, согласно неговата светски призната кураторска експертиза- дали тоа се солзи на Нејзината Екселенција Богородица, или некој опасно го зеза со подметна фонтана на батерии во позадина на фреската.
И ние очекуваме да имаме барем малку, за миг нормална држава. Кадешто политичарите ќе инвестираат во натпревари на знаење, поддршка на иновации, ќе охрабруваат  и ќе преферираат чуда во науката.
Нашиве великани од политичари паѓаат во несвест од црковни свеќи, опкружени со икони во нивните канцеларии, се свиткуваат до земја кога ќе ги видат рацете на некој поп, му ги грабнуваат и бацуваат во надеж дека со тоа ќе ги избришат сите гревови што ги направиле а и допрва ја чекаат земјава.

Се крстат исклучиво на невидени чуда што само тие ги гледаат и слушаат во позадина, како да ги довикуваат невидливи сили, ги привлекуваат на другата страна од овоземниот свет.
Нашиве политички првенци ви се зациментирани во средниот мрачен век и светлоста ја гледаат само во огинче на свеќа која им праќа јасни сигнали дека целиот свој мандат треба да го поминат клекнати на колена, молејќи се за милоста на светците, зошто друго конечно и не знаат.
Додека Радмила Шеќеринска ја однесе победата за себе и за државава во центарот на светската политичка моќ, ние заглавивме тука во сржта на политичката заостанатост во развој. Не се залажувајте, нам ни нема помош за век и векова. Амин.