Две недели течеше вода во скопски Карпош, се пливаше и се нуркаше, се давеше населението- состојба која безгрижно ја констатираше почитуваното претпријатие Јавен водовод. Цевките биле стари 50 години, тоа е пола век на патриотизам на безброј власти, кои се гласани, славени, омрзнувани и пак гласани и славени. Затоа и после две недели секнува водата низ Скопје и сите покорно чекаат да заврши смрдеата од таквиот патриотизам.
Прашајте ги властите, тие се колнат дека патриотизмот царува тука, треснат на трпезите на луѓето, на софрите на кои гледате чист простор, тажна слика на празнотија од ветувања. Тоа е секогаш исто- кога властите им го сервираат удирањето во гради “името не го даваме”, “никогаш нема да изговориме Северна”, ( на крај го даваат и го изговараат) ги убедуваат луѓето дека од тие две реченици може да се живее.
Луѓето како луѓе- се хранат од тој таканаречен патриотизам, се навикнале да им застанува во душникот, спремни се да се задават од него. Но, никој не попушта. И никој не прашува- дали е патриотизам да се има вода во 21 век? Да не се испуштаат на тони питка вода и никој да не одговара за тоа? Да не праша никој зошто 50 години не се смениле цевките.
Сакате понатаму, сакате да се удавите во патриотизам? Дали е патриотизам да се спречува алармантната смртност на бебињата? Зарем патриотизам може да биде безгрижното отворање на границите за функционерите кои се под обвиненија? Или доказ за патриотизам е кога токму тие политичари никогаш не одговараат, кога се враќаат на местото на злосторството и продолжуваат со истите патриотски дела. Можеби не ви е доста од сиов овој патриотизам, сигурно сакате да го дишете отровот во Скопје до смрт, најзагадениот град во Европа со години, кога урива светски рекорди.
Ако ви е слошено од овие патриотски дела, не значи дека не можете уште повеќе да се храните од нив. Тоа е единствената понуда на менито на граѓаните на оваа земја, која полека изумира, како и сите ние со неа.