Тони Михајловски е навистина еден од најдобрите и најталентираните глумци на овие простори. Но, тоа не го спречува да биде крајно, бескрајно наивен. Не е сам, ниту единствен, за волја на вистината. Загрижувачки станува тоа мнозинство, кое ги дели неговите ставови.
Се прашува Михајловски, еднакво како што се прашуваат сите: “Зошто не им пречи овој отров кој го дишеме со децении, што е со оние кои го одобриле очигледното горењето на отпад, дали имаат деца, дали нивните деца дишат некој друг воздух”.
Ова се прашања на интелигентни, разумни луѓе. Тие искрено веруваат во некаква логика, барем базична љубов кон децата, нека биде и трошка емпатија, нежни емоции, зрнце загриженост која се граничи со паника, дека може нешто ужасно да им се случи на децата ако уште само еден ден го подишат овој воздух кој сите го делиме.
Но, проблемот со овие луѓе е што поставуваат здраворазумски прашања, а се однесуваат на некои други луѓе. На политичари кои пред сѐ се крајно примитивни, бескрајно прости, целосно ограничени во секаква смисла. Станува збор за интелектуална ограниченост, ментална заостанатост, кога коефициентот на интелигенција е струполен, кога недоволно е развиен делот на мозокот каде што се изведуваат дедукции, произведуваат логични заклучоци, каде се вклучува алармот и оттука, се донесуваат разумни, рационални одлуки. Едноставно, тие искрено не ве разбираат што им зборувате.
Ги трупаат и таложат парите и палатите распределени по којзнае колку сефови низ светот, тие со некаква приглупа наивност веруваат дека тоа е нивната мисија на овој свет, затоа се родиле, затоа и никогаш нема да можат да умрат, додека сите околу нив, вклучувајќи ги и нивните деца, се распаѓаат.
Но, доколку ги испитувате финансиските злоупотреби во кои ги свесно и намерно ги вовлекле сопствените деца, е, тука одеднаш им се вклучува алармот. Затоа што некој им објаснил дека овојпат треба да играат исклучиво на картата на емпатија на јавноста, таа да биде згрозена, да не дозволи да бидат спомнати нечии деца, макар олошот од политичари да е во прашање. Никој не смее да ги стави под лупа тие кревки, невини суштества, кои во реалноста се само алатка за корумпираните, криминални политичари.
Не ми го пипајте најмилото- тоа со децении го повторуваат. Исто како што мафијашите кога во црквите бараат единствен спас, кога ќе видат поп редовно паѓаат на колена и со плачлив глас бараат прошка од него ( како единствен официјален претставник на бога), затоа што гревовите некако мора да се простат.
Оваа загаденост на воздухот исклучиво е резултат на децениската корупција и криминал во урбанизмот и градежништвото, кога мафијата стана држава, кога беззаконието се претвори во главна, функционална машинерија. Подготвени се да ве убијат ако им ги спомнете децата, а тие самите секојдневно ги убиваат со сопственото оружје. Бодликавите жици и ѕидините на дворците со кои се дистанцирани нивните деца од останатиот свет е единствената ограда која се рони секојдневно, која се распаѓа сѐ додека се тука и го дишат истиот воздух со нас.
Но, вистината е дека тие не се проблемот, туку ние. Што дозволивме и што се помиривме со овој Аушвиц од град, се согласивме со овие гасни комори од градови во кои секојдневно умираме, што веќе се навикнавме на ова кратко дишење на рати, додека кркориме, борејќи се за малку воздух, до последниот здив. Ние сме тие што го одбравме овој безвреден живот, единствено ние самите си го прогласивме крајот.