Вистинско освежување се најновите потези на власта, што е уште една потврда дека граѓаните воопшто не згрешија што ја избраа да нè води, макар и завршиле сите во провалија. Погледнете ја само ингениозната идеја на првенците во Владата да се укинат како задолжителни предметите во гимназија- филозофија, етика и логика. Со предложените измени, филозофија би станал изборен предмет во трета и четврта година, а етика и логика се укинуваат.
Може ли да се одрече дека секојдневно пријатно нѐ изненадува власта, во случајов министерката за образование, Весна Јаневска. Вели дека “критичка мисла има повеќе во математика, хемија и други природни науки, каде што има мисловен процес, отколку во филозофија, логика, социологија, етика и други општествени науки”. Откако е светот и векот, тоа е така, сосема е во право Јаневска.
Господа драги, знае ли некој што и какво добро донеле на човештвото овие луѓе кои се претставувале како мислители- Аристотел, Платон, Сократ, Кант, или една Хана Арент? Единственото што може да се види на нивните слики е една поза која им е заедничка- замислено гледаат некаде во далечината, со стиснати очи, сакајќи да докажат дека се напрегаат од размислување, за да го убедат светот дека е за наше, општо добро нивното бесмислено контемплирање, кое никаде не нѐ има доведено, како што може да се види од денешниот хаотичен свет. Ова е ужасен свет во кој живееме, полн со омраза, војни, страдања, алчност и злоба, никакви високи идеали, најмалку има морал и етика, емпатија, добрина, сочувствување со сиромашните, гладните, обесправените, онеправданите, омалуважуваните, омразените.
Токму овие, за кои нашава власт веројатно мисли дека го имаат најголемиот придонес за сета несреќа и терор низ вековите, токму тие им изгледаат мрзоволно и непристојно намрштени, најчесто испружени на некој комотен кревет или задлабочени над книги што ништо не значат за нивните екселенции од природните науки. Токму тоа е и најдобар доказ за тоа дека станува збор за филозофи кои се во суштина безобразни паразити, а кои заработувале од лаковерните, недоволно упатените, помалку образованите, неуките ниски класи.
Дали некој воопшто ги видел научните достигнувања на филозофиве со свои очи, дали се опипливи, се мешаат ли во епрувета, можат ли да покренат ракета, да решат едноставна математичка задача, да излечат некој што е анти- ваксер на пример, онака како што само можат великаниве од природните науки.
Не бидете наивни дека оставиле некаква трага во историјата на човештвото. Ви се молам, па тие одамна се разоткриени, јавна тајна е дека се обични логореични фантазери, на ниво на потпросечна бајачка, на која прстот во кафето и е главна алатка за проповедање на фаталистички пророштва. Светот не е дилетант како нив, светот на земјата во кој ние живееме многу добро знае дека гледачката Ванѓа во вистинскиот научен свет се смета за неофицијална Нобеловка.
Затоа, најмалку што може е овие неспособни шарлатани да се исфрлат од гимназиите, засекогаш. Се разбира, тоа е само почетокот, подоцна би дошла следната фаза- да се сотрат сите нивни книги и празни блебетања, да се запалат со свечен оган околу кој ќе се соберат сите умови од природните науки и ќе го играат последниот танц на пропаста.
Сите се радуваме на ваков епилог, дека од земјава во која живееме не смее трева да никне додека власта не климне со главата дека може да потпркне, за почеток коров, затоа што само тоа го заслужуваме. Така мислеше и сѐ уште мисли Вучиќ, но видете ја последната вест која ја соопшти драматургот Синиша Ковачевиќ- српските студенти се номинирани за Нобелова награда за мир. Кутри, наивни души понекогаш знаат да бидат некои од нашите драги соседи- знаат ли тие дека ние ја имаме во наследство нобеловката баба Ванѓа, дека таа е нашата единствена иднина? Затоа и таа е најдобар доказ дека нашето слепило има далеку поголема тежина од светлината која ја носат студентите во Србија.