Сите се прашуваат дали менување на грбот е дефокусирање на нешто покрупно. И промена на химната, во тој пакет. Какво прашање. Зарем не гледате, вие сте тоа покрупното. Вие што зборувате, се прашувате, дебатирате, се спротивставувате, се карате и мразите. Нова тура омраза сега дојде на ред. Нова тура омраза кон Албанците. Затоа што само тоа може власта да го понуди во овој момент.
Во овие месеци владеење, кога економски сè повеќе тонеме, кога сиромаштијата никако да се оттргне од нашите кошнички кои зјаат жално празни, какви што се и нашите животи. Тогаш кога не можете ништо друго да им испорачате на граѓаните, освен изобилство од национализам и омраза, немате друго решение, морате да ја извадите од нафталин темата со која ќе ги вжештите главите на заслепените и заблудените. Ќе ја подгреете тензијата, ќе ја загреете до степен на експлозија дебатата за идентитетот.
Овојпат, на софра се нуди менување на симболите на идентитетот, затоа што таа софра одамна е празна и мизерна, не нуди големи шанси за преживување. Ќе се глодаме со Албанците, но немојте да имате илузии дека нема да се фаќаме за гуша и со Македонците, за грбот и химната, ќе се распарчуваме додека не папсаме, додека конечно не сфатиме дека така ни поминале децении и децении во неповрат.
Кроткиот народ ќе се разулави, ќе збесне, ќе се разлути тогаш кога ќе му светне колку животи се прокоцкани, колку радост и безгрижност можело да се има, да се зграпчи и да не се пушта, каков убав живот сме можеле да имаме сите ние. Додека пролета таа мисла, пролетал во неповрат и животот.
Така се владее во оваа земја, господа драги, така било отсекогаш и така ќе биде и занавек. Ако им дозволиме, сепак зависи само од нас, никогаш од нив, запамтете, само од нас.