25 минути

Баграта е твојот народ

Погледнете само каква багра му се нафрли на премиерот Мицкоски, само затоа што кажа дека на членовите на Судскиот совет “ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од 2 или 3%, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи”.

Наместо да го поддржиме сите во неговите обиди и чесни намери да се справи со сѐ што е гнило во државава, тој доживеа ситни гадинки, неважни и гнили црви да се спротивставуваат на неговите големи, лидерски идеи. За таквите црви само треба тешка, железна чизма која ќе ги згази пред воопшто да помислат следниот пат да писнат. Но, таква е за жал демократијата. Секаде и секогаш имате непријателски елементи кои се спремни да гинат за некакви смешни, глупави идеали. Какви ноторни будали. За слобода и права, за подобар живот, за среќа во целата таа несреќа од лидерите.

Свртете се само наоколу, погледнете ја таа очајна слика на Србија денес- студенти, професори, работници од трета смена, ѓубреџии и чистачи, новинари, писатели, интелектуалци, актери и режисери. Слична е таа багра секаде, но затоа ретко каде можете да најдете таков великан како Александар Вучиќ.

За жал на фантазиите на ваквите полутичари, секогаш низ историјата го победувале тој имагинарен народ на кој се повикувале големите и важни лидери. Слободан Милошевиќ еднакво грмеше дека “ќе им се случи народ” на сите што се против него и неговата слика како треба да изгледа светот. Аркановците сѐ уште ја окупираат Србија, одамна ја заробија и Македонија, но силата и светлината секогаш се на страната на проклетата таа багра. Таа е очите и ушите на правдата, на подобриот свет за кој вреди да се гине.

Лидерите на власт се избрани само заради тоа- од кабинетите, а не од улиците да креираат пристојно место за живеење. Доколку не знаат како, ниту зошто, тука е баграта да ги потсети- кој навистина е тој што треба да ги окупира улиците. Тука е таа, баграта, која е токму тој народ за кој лидерите до вчера мислеле дека го имаат на своја страна. Наивни се тие наши балкански лидери, не знаат кој навистина е смел и храбар да го виори бајракот на борбата за слобода и поправедно општество.