Млад маж на плоштадот „Македонија“ во Скопје со селотејп се залепи за бандера, со цел да повика на свесност кај институциите.
Неговата порака беше оваа: „Се обраќам до големите луѓе на оваа држава. Уште што треба да ни се случи на нас во Кочани за да се освестат дека тој град постои? Толку ли брзо нè заборавија. Пред некој ден си дојдоа деца кои немаат прсти на рацете. Тие деца ќе немаат цел живот раце. Ако ништо друго, дајте на нив да им помогнеме. Толку ли брзо не заборавивте нас од Кочани. Зошто тој град во овие 30 години никогаш не бил битен? Дај да биде ова пример, да направиме нешто за овој град“.
Тој во пожарот во „Пулс“ загубил петмина другари, апелирајќи дека мора да се преземе нешто за народот во Кочани да може да живее. Проблем е што донациите се намалиле, а на повредените ќе им требаат многу пари. “На едно дете знам дека му се потребни ракавици за рацете и нозете, а една ракавица е 1 000 евра. Значи, ќе му требаат 4 000 евра. Како што гледаме, државата нема да ги обезбеди тие пари. Да се соберат барем пари за тие деца. Наместо да се отвораат нелегални дискотеки, нека направат нешто во Кочани. Нека направат некој културен центар, спортски центар. Нека отворат некое кино наместо деца да одат на такви места и да се глупираат таму, нека гледаат филм“, рече човекот од Кочани.
Тој вели дека жителите на овој град не се чувствуваат добро и повика на разбирање. Ако не се преземе нешто, вели, работата ќе оди на полошо. “Ми загинаа пет другари и некој ме прашува: нема ли да ти биде срам што ќе бидеш врзан? Јас сум секако духовно врзан. Нема што да правам, морам да живеам во тој град. Мора да направам нешто за него“, рече човекот објаснувајќи ја симболиката на врзувањето.
Колку тажно, колку парадоксално- овој млад човек побара од големите луѓе да сторат нешто за да се смири за момент болката на овие луѓе. Што значи да се биде голем човек во оваа држава? За жал, не се тоа луѓето на функции. Вистината е дека голем е овој младич, тоа се сите млади луѓе кои го креваат гласот против корумпираните, игнорантните, алчните, спокојни и рамнодушни политичари. Можеа досега да објават дека се откажуваат барем неколку месеци од оние 78 проценти, колку што сами си ги зголемија платите, за да не дозволат да ги слушаат овие крикови на очај.
Можеа и оние најбогатите во оваа држава да објават дека се откажуваат оваа година од дивидендите кои само ги трупаат, без да бидат свесни за сопствената улога во едно општество. Затоа што државите така функционираат, барем оние кои имаат свесни и совесни луѓе на власт, или имаат економска моќ. Знаат дека мора да има распределба на улогите и оттука и на богатството. Оние кои имаат политичка моќ или само пари, несебично даваат дел на оние кои им се најпотребни тие средства. За здравје, образование, култура, медиуми. Да, има неколку луѓе во оваа држава кои тоа го прават. За жал, премалку се, за да заврши агонијата на човекот со селотејп и на сите погодени од трагедијата во Кочани. Срамот на останатите останува запишан во историјата. Овој срам останува запечатен за функционерите, по одбивањето на луѓето да се сретнат со властите.
Властите нека застанат за момент и нека размислат. Власта не трае вечно, но човечката беда која ги дефинира, ако не променат сега нешто, ќе биде засекогаш.