25 минути

Златни инвеститори, трагачи по гробови


Вчера прочитав дека премиерот Мицкоски изјавил дека “Македонија е земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во Европа. Инфлацијата во март месец- 2,7% на годишно ниво, на месечно ниво 1,3%, значи дефлација. Дури и потрошувачката кошничка којашто ја пресметува синдикатот има намалување на цените во споредба со претходната година. Април месец 2,6%, а на месечно ниво 0,6%.

Платите пак растат од 9 до 10% на годишно ниво. За економијата и БДП Светска банка ни предвидуваше 1,8%, а ние во 2024 година имавме 2,8%, поради силниот раст над 3% во третиот и четвртиот квартал во 2024 година. Во првиот квартал од 2025 очекувам до 4%, а може и над 4%. Тоа се бројки, а јас сум математичар и сакам да зборувам за бројки, а бројките се рефлектираат на пракса“.

Мал дел од граѓаните се математичари, веројатно не се ни економисти, затоа не верувам дека некој има нерви да ги чита сите овие силни и неразбирливи бројки, но сите знаат колку добро и квалитетно живеат. На трпезата го имаат гробот на Александар Македонски, би било срамно да се жалат дека им кркорат стомаците, после алармантните анализи на УНИЦЕФ, дека “секое трето дете во Македонија живее под националниот праг на сиромаштија”. Сакате повеќе бројки? “20.000 деца немаат ефективна здравствена заштита. 

Дополнително, помалку од 37 отсто од децата на возраст меѓу 3 и 6 години имаат пристап до предучилишно образование, а половиина од децата со попреченост не преминуваат во средно образование”. 

Во меѓувреме, Македонците го имаат најбогатиот човек со македонско потекло, Крис Павловски, кој најави дека ќе финансира истражувања во археологијата со цел да се пронајде гробот на Александар Македонски. Еве што вели тој за неговите идни инвестиции: “Имам неколку пријатели со кои ќе вложиме ресурси за да го побараме… Јас сум голем обожавател на историјата. Ја сакам археологија, ја сакам античката македонска историја… Јас сум многу сериозен за финансирање на истражувања во однос на археологијата во Македонија. Многу сум сериозен и тоа многу сакам да го направам.

Мислам дека немало големи вложувања во македонската археологија. Тоа е нешто што недостасува. Јас знам многу Македонци и луѓе кои не се од Македонија кои сакаат да помогнат за тоа. Очекувам заедно да вложиме пари и да почнеме да копаме за да видиме што има овде под земјата. Мислам дека тоа е важно“.

Му благодариме на господинот Павловски за неговите идни инвестиции. Се надеваме дека ќе ги покани на трпезата на децата за кои пишува УНИЦЕФ, но и Хунзите, кои беа исто така неверојатна инвестиција, во времето на владеењето на Груевски и на Ѓорѓе Иванов.

Потемкиновото село во оваа земја само расте и се дуе како квасец, сѐ додека не ги преплави сите софри и трпези, затоа што луѓето тука обично не им веруваат на сопствените очи, туку на ушите кои сакаат да слушаат бајки на политичарите. И на инвеститорите како Крис Павловски, кои уживаат во комичните приказни на оваа смешна, кутра земја, која ништо повеќе не ја крепи, па и останаа само гробовите на ненајдените јунаци.