25 минути

Министерство за мртва средина

Со недели скопјани се гушат и голтаат отрови од депониите, но нема никаква сила што може да ги турне вистинските патриоти, да ја заниша барем сантиметар оваа власт, која не верува во научните мерења, во бројките на смртност од загадување, во очајот кој ги коси болните пред Онкологија. Масовна трујачница е овој град. Оваа фарса од трула држава.

Отрови кои ви ги парааат органите? Ве молам, па тоа не е ништо, тоа е само мала фантазија за штетноста и опасноста, која ја шират опозициските непријателски елементи, за кои говори и премиерот Мицкоски:

„Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето на кој му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање, ќе ви стане јасно кој и зошто тоа го прави“. 

Дополнително, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека нема сериозни надминувања на загадувањето во Скопје, освен во Лисиче и Центар”. Освен. Освен две населби. И земја која се отвора да ги голтне сите оние кои се ставени од власта под графата “освен”. 

Не, сепак да погледнеме еднаш во вистината, онаа која нема да ни се допадне. Не, не ни е криво ова Министерство за животна средина, ниту министерот на чело,  кој никој појма нема ниту како се вика и како изгледа. Некој ми тврди дека неговото име било Изет Меџити. Оној истиот Изет Меџити што секојдневно го гледаме и слушаме како говори за сѐ, само не за отровот и мртвата средина која е производ на Министерството на која тој е на чело.

Меџити го знаете исклучиво кога темата е ДУИ, корупција, криминали, дивоградби, сѐ што упропастиле сите претходно, само не и тој, иако беше дел од истото тоа ДУИ. Затоа и Мицкоски вели дека е чудно, кога говори за пожарите во Дрисла, да се случуваат баш во одредени јавни претпријатија, каде што свои кадри има ДУИ. Мицкоски за жал не е на власт, тој нема надлежни институции да истражат, да уапсат, да ги заградат депониите Дрисла и Вардариште, да вработат чувари, да организираат функционирање на оваа држава. Тој е тука само за секој случај, да има кој да се чуди зошто оваа паника во трујачницава од држава.

Но, не, не ни е виновен ниту премиерот Мицкоски, кој секојдневно е растргнат и ангажиран да ни објасни и да нѐ утеши, да не гушне и да не заниша, дека ништо не ни е кога дишеме и голтаме отрови, ниту некогаш ќе ни биде. Криви сме ние, пријатели драги. Криви сме што гледаме една шака јада луѓе како се собира низ улиците на Аеродром и Ново Лисиче, тоа се големи луѓе, вистинските борци кои бараат воздух, се борат за вдишување, посакуваат издишување, сонуваат да го поминат она што им останало како живот во друг град, утре кога ќе се разбудат.

Ако има утре. Затоа што, од овој град повеќе нема ништо што ни останало. Не остана ни од Кочани. Се распаѓаме еден по еден, а никој не верува во тоа. Молкот на луѓето кои ги губат сетилата од отровите, тој молк, тоа молчење се пренесе и во сетилото на здрав разум. Молчењето значи гласна согласност за ова истребување, еден по еден, како во редица за гасни комори, за рака фатени, покорно влегуваме во машината, за да произведе црн пепел од нас. За да се посее црната земја, за да никнат нови раце кои се фатиле, нови нозе кои доброволно го фатиле чекорот на отровот, кој едвај чека да нѐ потсети. Ние сме криви, затоа што никој нема да нѐ спаси од самите себе.

Добрите, храбри луѓе тука ги убиваат од милост, за да не се мачат повеќе. Нивниот пат е оној за кој пееше Габи Новак: “ Не сакам живот мирен, тих, моето место е со нив. Храбрите луѓе”.  Не, сепак некои ја бираат “Заветна”- Кај што тонеш, ти извираш. Патот на депониите-тоа стана изборот и тука веќе нема помош.