Како тоа одеднаш сите се непријатно изненадени и длабоко шокирани од соѕиданите 350.000 евра кај родителите на судијата Ѓоко Ристов? Нивното тврдење дека станува збор за заработени пари од исклучиво нивните дваесет прсти, е најнаивната и најзабавна приказна на која никој не ѝ верува, за жал.
Да било навистина така, овие пари ќе биле уредно пријавени во Антикорупциската комисија, како што некои од функционерите ги пријавуваат приходите и имотот на семејството, вклучувајќи ги и сопствените родители.
Колку ѕидови во оваа земја имаат вградено по 350.000 евра? Да беше навистина искрена борбата против корупција, макар само кон судиите, досега најголемиот дел од ѕидовите ќе беа срушени, во секоја смисла на зборот. Потеклото на имотот ќе беше уредно и педантно проверувано, еден по еден, судија, обвинител, политичар, пратеник, функционер, протресени до тој степен, што сериозен дел од нив би завршил растресен и потресен.
Погледнете ги имотните листови објавени на сајтот на Антикорупциската комисија, на голем дел од овие важни, значајни функционери, во исто време неважни и безначајни за истраги и испитувања на имотите и приходите. Кутрите тие, сиромави и парталави, задолжени до гуша со кредити, позајмици, обезглавени во долгови од банкарските картички, кутрите тие, жални, свиснати и унесреќени носители на јавни функции.
Затоа и СДСМ е главната вест во оваа земја, затоа и измислениот економски раст е првиот наслов и единствен наслов на власта, затоа и се премолчуваат скоро 22 % сиромашни во оваа земја, затоа бизнисмените на главните фабрики- загадувачи не се воопшто во центарот на нивното внимание, затоа ги затвораат очите на колоните кои очајнички дефилираат низ Клиниките, легнуваат во пропаднатите кревети, на искинатите чаршафи, ја чекаат со олеснување смртта, затоа што само таа е единствено сериозно заинтересирана за нив.
Мнозинството граѓани во оваа земја искрено верува дека ние сме стационирани и завиментирани во центарот на периметарот на Трамп, дека тој е нашиот спасител, додека власта и сите ние чекаме да ја однесе земјава онаму каде што никој од функционерите не е способен, ниту заинтересиран.
Не дај боже да живеете во интересни времиња, кои воопшто не се смешни, ниту забавни, но граѓаните сеедно, веруваат во чуда. Уживаат во бајките за Потемкиновите села, во кулите од карти, во накривените, замачкани ѕидови полни со стотици илјади евра, затоа што се надеваат дека еден ден и нивните ѕидови ќе се наполнат, и како на голем дел од функционерите, никогаш нема да напукнат и да се сронат.
Таквиот живот полесно поминува, како за час, макар останале голтари, макар завршиле онака како го започнале доаѓањето на овој свет.
