25 минути

Скапите лекови и витамини од џебот на граѓаните-од Ковид се лекуваат тие што имаат да платат

На огромни трошоци за лекови се изложени граѓаните кои заболеле од Ковид бидејќи најголем дел од лековите не одат на рецепт и заболените се принудени да ги купуваат сами. Сумите на лековите се вртоглаво високи и зависат од тежината на болеста, а вклучуват антибиотици, палета на витамини, антикоагуланти, како и тестови, анализи, снимања до кои со закажување на Мој термин не можело да се дојде.

Поп пејачка Биба Додева која се опоравува од вирусот вели дека имала среќа што можела да плати за скапата терапија која ја чинела 800 евра, но се прашува што е со оние луѓе што не можат тоа да си го дозволат.

Тажна е сликата со која секојдневно се среќава  Денис Јанкуловски, медицински техничар кога оди во домовите на луѓето за да им земе брисеви за тестови. Раскажува дека наидува на разни ситуации, кои не го оставаат рамнодушен зашто коронавирусот освен по здравјето удри и по џепот на граѓаните.

Комуниколог Бојан Кордалов кој заедно со семејството заболеле од Ковид 19, вели дека психолошката поддршка и финансиската моќ се најважни во тие моменти.

Околу 250 граѓани ги споделија искуства на фејсбук групата „Ковид-19 искуства и совети“каде што прашавме колку ги чинело лекувањето од Ковид во домашни услови. Одговорите беа дека лековите, витамините, здравата храна која е неопходна, сокови, ги чинеле од 100 до 500 и повеќе евра.

Ако се земе во предвид дека минималната бруто плата од јули 2020 до март 2021 година изнесува 21.776 денари, односно минималната нето плата е 14 934 денари лекувањето е недостижно за граѓаните. За споредба минималната потрошувачката кошница во април минатата година за четиричлено семејство изнесувала 32.852 денари.

Во држава каде што половина милион луѓе живеат во сиромаштија, пандемијата со коронавирус ја зголеми нееднаквоста меѓу граѓаните и го продлабочи јазот меѓу богатите и сиромашните-меѓу тие што можат да си дозволат да се лекуваат и тие што не можат.