Околу 13 проценти од сите жртви на патиштата во Европската Унија се на возраст меѓу 18 и 25 години, додека само 8 проценти од вкупната популација е во оваа возрасна рамка, покажуваат податоците на ЕВРОСТАТ. Тоа значи дека младите луѓе имаат повеќе шанси да бидат дел од фатална сообраќајна незгода.
Мнозинството – 64 проценти од младите луѓе кои загинале во сообраќајна несреќа биле возачи или патници, додека само 8 проценти биле пешаци.
Најчести причини за сообраќајни несреќи меѓу младите возачи се невнимание, брзо возење и неприспособување на условите на патот.
Студиите покажуваат дека младите возачи се група со висок ризик на однесување во сообраќајот, особено поради невнимание предизвикано од користење на мобилен телефон.
Пишувањето порака додека се управува со моторното возило ја намалува реакцијата на возачот за запирање за 18 проценти, а ја зголемува опасноста за предизвикување незгода за шест пати, предупредуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП.
Во сите земји од регионот и Европа зборувањето на мобилен телефон додека возите е забрането, освен доколку се користи уред со кој рацете на возачот се слободни. Казните се движат од 25 евра (50 лева) во Бугарија, 3 000 српски динари или 25 евра во Србија, 35 евра во Косово, до 100 евра во Грција, 120 евра во Словенија и 130 евра (1 000 куни) во Хрватска. Во Црна Гора казната се движи од 60 до 150 евра.
Во Албанија казната е од 500 до 2 000 леки (4 до 16 евра), додека во Босна и Херцеговина од 100 до 300 конвертибилни марки или 50 до 150 евра.
Во земјите од Европската Унија казните се движат од ниски до високи во зависност од случајот, па така во Австрија минимална казна е 50 евра, во Германија од 100 до 200 евра – забраната се однесува и на држење на мобилен телефон во рака додека работи моторот на возилото, во Италија казната изнесува од 160 до 640 евра.