25 минути

ХЕРА: Дезинформации и лаги од политичка партија за сексуалното образование-Јавна соба само потврдува колку е потребна ваква едукација

ХЕРА најостро реагира на колумната „Концепција за основно образование како волк во овча кожа“ во која се изнесени низа дезинформации и лаги за сексуалното образование и говор на омраза кон одредени ранливи групи кои можат да предизвикаат само штета по здравјето и безбедноста на нашите деца и млади, се вели во сосопштението од ХЕРА.

„Текстот претставува повреда на угледот на нашата организација и на истакнати меѓународни организации (УНЕСКО, СЗО и УНФПА) кои работат на подобрување на националните програми за младите и за сексуалното и репродуктивно здравје.

Емилија Богданоска Трифуновска се обидува со популистички говор заснован на митови и теории на заговор да создаде паника меѓу граѓаните. Со документите кои ги посочува, таа дезинформира за научно докажани мерки кои го унапредуваат здравјето и ги зајакнуваат вештините на младите да се заштитат од сексуално и родово засновано насилство. Вистината е спротивната и доколку се прочитаат документите, ќе се увиди дека сексуалното образование има најдобра намера да ги заштити здравјето и и социјалната благосостојба на децата.

Секој родител го посакува најдоброто за своето дете, па ние тргнуваме токму оттука. Според последното истражување на нашата организација, меѓу 82% и 96% од испитаните родители се согласни младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуално образование. Сеопфатното сексуално образование нема намера да го замени домашното воспитување, туку да помогне и да одговори тогаш кога возрасните го немаат одговорот. А недостигот на соодветни одговори е честа појава поради немање информации, но и поради непријатноста да се разговара на одредени теми.

Сексуалното образование сака да придонесе кон здравјето и безбедноста на младите бидејќи во реалноста нивното здравје и безбедност се загрозени. Нивните крици за помош се секојдневни и сè додека ги затвораме ушите и очите пред очигледното, не само што ги негираме потребите на младите, туку и директно ја саботираме нивната благосостојба.

За жал, деновиве овој текст е само еден од низата дезинформации, лаги и малициозно ширење омраза за сексуалното образование во јавниот простор. Меѓу тие дезинформации и лаги не се нудат факти ниту решенија, а проблемите на младите се вистински.

И продолжуваат да ги обликуваат нивните животи додека политичките партии и други јавни личности дебатираат дали  младите треба да знаат како да се заштитат од сексуално преносливи инфекции, да препознаат и да пријават насилство, да разберат кои се добрите страни на еднаквоста на жените и мажите или да го прифатат изгледот на своето тело и да ги почитуваат другите без да ги дискриминираат.  

Младите сè почесто се изложени на ризици и секаков вид на насилство, а неретко тоа насилство е во интернет-просторот, што ја прави оваа појава многу честа, имајќи предвид колку време поминуваат пред компјутерите.

Случајот „Јавна соба“ само ја потврдува потребата од институционална заштита на младите и важноста на училиштето да биде безбедната средина кое ги учи младите да препознаат, пријават и добијат навремена заштита од било каков тип на насилство и образовен систем кој  создава емпатични млади луѓе кои  ќе ги поддржат своите врсници и покажат нула  толеранција кон насилство во иднина.

Оттука, наша должност како општество е да им дадеме поддршка и пред сè, релевантни и точни информации. Оти потребата од сексуалното образование не е  измислена преку ноќ, туку е произлезена од нив самите – младите.

Затоа бараме јавно извинување од политичката партија „Интегра“ за изнесените лаги и клевети за целите на сексуалното образование и за нашата работа како организација која веќе две децении го унапредува сексуалното и репродуктивното здравје во земјава, особено што сето напишано во колумната се коси со документите на кои се повикуваат.

Воедно, апелираме до родителите да пристапат критички кон вестите поврзани со сексуалното образование со оглед на тоа што деновиве бележиме зголемена продукција на лажни информации кои немаат никаква друга намера освен да дадат морално погрешна слика за сексуалното образование“, велат од ХЕРА.