Каде може да не одведе непотпишувањето на Пендаровски на Законот за легализација на дивоградибите? Каде сѐ не, каде сѐ не, подобро да не одиме дотаму.
Најмногу, каков возбудлив пресврт, во непочитувањето на високите државни интереси со законско аминување, да бидат амнестирани криминалци, попознати како урбана мафија која дивее со децении, на задоволство на оние кои ја упокоија правната држава.
Таа урбана мафија е секогаш наградувана богато и обилно баш заради тоа, како и секоја мафија, која знае како се одвива протоколот: со сите почести педантно да и го свитка вратчето на правната држава, потоа внимава да ја докусури уредно, гушејќи ја со пластична кеса додека не испушти сосема душа, и конечно- да се помоли над покојничката во црква, каде милоста се раздава великодушно на сите, особено се внимава мафијата да не биде запоставена.
Прекрасен спој на злосторничко здружување на оние кои граделе бесправно, и оние кои благодарејќи на државните функции, дозволувале да се гради надвор од законите.
Освен тоа, тие криминалци отсега можат да ни се качуваат на глава секој ден, додека ние да молиме сами да си носиме ортоми за да не се мачат, свилените тие. Можат се што посакаат да прават- да ја тужат државата што ги малтетирала досега и им ги рушела дивоградбите, незаконски им барала милиони документи, ги тормозела дополнително и ги обвинувала, па ги влечкала по судови, што сѐ не правела за нив збеснатата држава.
Сега, со овој Закон, ќе може конечно да здивне градежната мафија- да се награди беззаконието, хаосот и криминалот, како што личи и е ред, во секоја правна држава, која држи до себе и до словото на законот.
Ќе може да заврши сѐ елегантно и на задоволство на високопочитуваниот криминал, а најдоброто следи сега, всушност.
Таа урбана мафија сега ќе може да бара каква се сака отштета, повредена и ранета од законите на правната држава, кои сега со високи почести се закопуваат и се плукнува за поука на нивниот гроб. Таа отштета се разбира, ќе ја плаќаат граѓаните кои биле традиционално будали, па ги почитувале законите, редот и правниот поредок.
Пендаровски не потпиша, заштитувајќи ги чесните, значи будалите и наивните, кутрите тие граѓани, кои ништо не сфатиле досега. Сега Заев и Мицкоски им се смеат на будалите, но историјата е тука да нѐ потсети- додека овие се смеат, будалите им го затрупуваат патот полека, кроце, нечујно. Можеби трае тоа со децении и векови, да, но ќе дојде ден кога смеата повеќе нема да се слуша, ќе се затрупа со некој нов пат, на честа и чесноста, на правдата и правната држава, баш на оние- будалите. Она што навистина го движи светот.