25 минути

Земја Дембелија: Царството на администрацијата

Здравствените работници сметаат дека се дискриминирани,  еднакво како и вработените во војската, полицијата и образованието. Нема да земаат К-15, но затоа власта обезбедила регрес за одмор за администрацијата, најголемата гордост на оваа земја, нашите херои кои ја пишуваат секој ден историјата на оваа земја, на Земјата Дембелија.

Се работи за фантастична бројка од 27.000 луѓе, о, да, тоа ви е цел еден пристоен град, армија на заспани, а во најдобриот случај, полудремливи луѓе, со години несвесни за светот што ги опкружува, за кој никогаш не дознале, ниту пак се заинтересирале.

Не осознале цела година дека имало пандемија, дека седеле со месеци дома, дека заради тоа сега треба да бидат наградени за старите успеси за неработење, додека го користат стариот одмор од минатата година, од истата таа година кога никој не се сеќава дека воопшто постоеле.

Тоа нивното, тоа ви е некаква состојба на полусвест, веројатно најдобро филмски опишана во „Андерграунд“ на Кустурица, затоа што тие имаат свој сопствен свет, свое парче од рајот, свое царство на фантазии како изгледа светот надвор, а како треба нивниот, во кој тие мислат дека се првите луѓе кои ја населиле Планетава, и како такви треба и да заминат, ако воопшто ги снема.

Таму, каде што тие престојуваат, во тој нивен полусвет, царува спокојот и тишината, тоа ви е една приспивна песна на Земјата Дембелија, во која ништо не се случува, никогаш ништо, и тоа им ја зголемува вредноста, се додека не експлодира таа нивна цена- на изборите, секако.

Во таа состојба на политичка мудрост за нивно наградување, нивната најголема активност се мери застрашувачки прецизно- дали на време се поместиле од едното крајче на столчето до другото, дали левата половина на телото е доволно залегната, за да не почувствува последици десната. Дали доволно удобно се навалиле на фотелјата додека се вртат, за да можат да ги клатат нозете по ритамот на часовникот, кога отчукува и ги информира дека е време да гласаат.

Се работи за сериозна бројка на една добро обучена војска, тренирана да биде уредно построена кога станува збор за земање пари, во секое време со двете раце испружени, секогаш во готовс на граблива состојба.

Војска секогаш послушна кога доаѓа токму тоа време, моментот на избори, кога стануваат најважната алка на сите партии за кампањи и митинзи, и конечно, победи.

Затоа што без нив се невозможни тие победи, за кои никогаш нема да сфати партијата на власт, која и да е во моментот, дека тоа се горчливи, јалови, пирови победи, во кои се вртиме во круг со децении, и токму затоа и излез нема. Се разбира дека нема, во тоа е и идејата на секоја власт, конечно.