25 минути

Бугарија, мајката на сите наши проблеми

После извештајот на Стејт департментот за корупцијата во Македонија, се присетив на едно мое интервју со Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, пред многу повеќе од десет години, во А1 ТВ. Тоа беа времиња- Грција со нејзиното вето беше виновна за блокадата на НАТО и ЕУ, еднакво како сега Бугарија, многу слично, разочарувачки тажно, што би рекол Еди Рама.

Но, ако се вратиме на времињата со Ѓорчев, тоа интервју е самата суштина, сржта, јадрото, квинтисенција на сјајот и бедата на нашето разбирање на политиката.

Затоа што, ако денеска го седнете премиерот Зоран Заев и му ги поставите истите тие прашања од Ѓорчев, без никакви измени (освен за слободите), го добивате истиот резултат на водење политика, и тоа без никаков напор и труд, што е македонски рецепт за успех секогаш- да не се помрдне малиот прст, а да се добива и зграбува незаситно, до последниот минут на животот.

Дали Бугарија со нешто нѐ спречува да ја снема корупцијата во оваа држава?

Дали Бугарија некогаш ни забранила да се спроведуваат законите за борба против корупција?

Дали Бугарија е всушност причината што има корупција во владините тендери?

Дали Бугарија не ни дава да се бориме против корупцијата во судството?

Дали навистина Бугарија стои зад нетранспарентноста и корупцијата во  јавни набавки?

Дали Бугарија создала непредвидлива бизнис средина, погодна за корупција?

Дали Бугарија ставила вето за истраги на официјални лица вклучени во коруптивни активности?

Дали Бугарија ни ги гради дивоградбите?

Дали Бугарија ни ги кине урбанистичките планови и ни пишува нови, во кои се сечат безмилосно дрвјата и никнува бетон насекаде и нѐ затрупува, нѐ соѕидуваат во бетонот, лесно нѐ мелат, за да остане само прав, кој нема да писне и ќе одлета, за да не ги потсетува на нас. И не се само кулите кај „Холидеј Ин“, не само таму, добога.

Дали Бугарија нѐ спречува да ги сервисираме канадерите за гаснење пожари?

Дали Бугарија се испречила пред нас за да купиме противпожарни возила, па тоа мора да го прави Швајцарија?

Или Бугарија е таа што ни забранила да градиме болници, градинки, школи, што уште не, што сѐ не, па наместо власта, тоа сето ни го подаруваат, прават и градат со децении САД и земји од ЕУ.

Дали Бугарија ни забранила сами да си го чистиме ѓубрето, па тоа мораат за нас да го прават амбасадорите на странските земји, со години, со децении?

Дали Бугарија е виновна што нема лични исправи, пасоши, возачки дозволи, лични карти, таблички со месеци? И тоа ли забранила да се сработи?

Подобро да не продолжиме за се што Бугарија ни е виновна овие денови, овие години.

Во огледалата лежат сите тајни на проклетствата, особено оние политичките, особено кога никој не гледа, нема никого наоколу. Ако се загледате добро, ќе ја видите целата слика што ве опкружува, а не само самиот себе, самозаљубено како си праќате бакнежи кога поминувате покрај огледалото. Така политиката станува подобро место за живеење, така и државата почнува да се буди, така и почнува да снемува буква по буква од ваквите текстови, затоа што нема да има веќе потреба да се пишуваат. Само така Бугарија ќе може да ја испратиме дома со олеснување, затоа што сѐ завршило конечно.