25 минути

Насилство врз новинарите: Неказнивоста мора да сопре

 

„Лута сум, гневна сум. Бев нападната два пати- на изборите во јули 2020 година, а вториот пат, во декември, 2020. Но, внимавајте, сега сум лута и гневна. Тогаш, кога се случија тие напади бев изгубена, изолирана, оставена сама на себе. Во такви случаи се ставаш под прашање, дека не сум требала ништо да напишам, како жена обично што се прашува.“

Тања Милевска, дописничката од Брисел на државната новинска агенција МИА е една од неколкуте новинарки на кои постојано и се закануваат по живот, на социјалните медиуми и за што сега без страв и парализираност говори.  Дури и пред белгискиот Парламент таа пред извесно време стана најсилниот, најмоќниот  глас на новинарите, особено на новинарките во Северна Македонија, приклештени во менгемето на говорот на омраза, заканите, нападите.

Но, нејзиниот случај е веројатно далеку поспецифичен- таа не живее во Северна Македонија, нејзината професионална дистанца подразбира постуден, далеку понеемотивен  однос кон политичките случувања во земјата за која работи, конечно тоа значи и дека секојдневно не се соочува со политички и други притисоци како новинарите кои работат во земјава. Таквото работење на новинарството дава една полагодна, побезбедна  ситуација во професионална смисла- далеку поголема независност, објективност и слобода. Но, очигледно дека тоа на насилниците особено им станува предизвик-  таа до ден денес е една од најексплоатираните  таргети на закани, навреди, говор на омраза.

Од почетокот на 2020 година досега се пријавени вкупно 14 напади и остри закани кон новинари, од кои повеќе од половина се кон новинарки. За споредба, во 2019 имало само четири вакви инциденти, што значи дека во 2020 нападите и заканите се трипати побројни, алармира директорот на ЗНМ (Здружението на новинарите на Македонија), Драган Секуловски. Иако е намален бројот на физички напади, загрижува фактот што се повеќе се закануваат по животот на новинарите на социјалните мрежи- оваа статистика ЗНМ ја презентира постојано во јавноста, особено во институциите, се бори секојдневно да се слушне нивниот крик, но молкот на оние кои имаат моќ да ги спречат нападите и заканите останува.

Но, насекаде ве демнат троловите и критичарите, за кои постојат сомнежи, никогаш официјализирани и докажани, дека се платени од одредени политички и бизнис центри на моќ, луѓе кои се надлежни за целосна окупација на јавната мисла, за сеење страв, надвиснати над секоја буква и интерпукциски знак. Тие, насилниците,  со особено уживање ќе ви соопштат-  имаме реализирано 23 напади кон новинари и медиумски работници во последните три години во Северна Македонија.

Оваа статистика уште повеќе станува црна, ако знаеме само еден факт- најважниот- институциите молчат. Само слушаат и климаат со глава, но дали и навистина слушаат кога им се соопштуваат овие сериозни бројки, дали воопшто читаат, или само поминуваат бегло низ цифрите кога им се презентираат фактите, дали  некој верува дека гледаат што се случува околу нив- дали се свесни дека „нападот врз новинар е напад врз слободната мисла и демократијата. Неказнивоста мора да сопре.“ (Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ)

Само еден случај оваа година е затворен со правосилна пресуда во корист на новинарите кои биле предмет на закани- се работи за случајот од 2020, со новинарката и заменичка на главниот уредник на порталот „А1он“, Мери Јордановска, кога Емил Јакимовски и упатил навреди, но она што ја крена на нозе јавноста беа заканите испратени преку пораки преку социјалната мрежа „Телеграм“ – дека „ќе ја искреира на некролог”. Јакимовски доби казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци.

„Сметам дека во „Кривичниот законик“ треба итно да се воведат казни за онлајн насилство, особено кога се работи за смртни закани, бидејќи ние како новинари не смееме да бидеме исплашени и оневозможени да не можеме да си ја вршиме работата“, вели Мери Јордановска.

Остануваат уште 22 случаи кои не се процесуирани. Целосна, тотална зомбификација на системот, кој не функционира, кој не е заинтересиран за сериозните пресметки кон новинарите, кои имаат само една цел- да се замолчат и да исчезнат од јавната сфера; „Неказнивоста врз насилниците на новинарите останува проблем, некаде во триаголникот МВР, Обвинителство, Судство- едноставно нешто не функционира„- вака Чадиковски ги детектира клучните институции.

Но, политичарите се повластена каста, тие се недопирливи, тие се заштитен вид на ѕверки кои се во милост на сопствените институции: „Бараме државата да преземе конкретни чекори, за да не ни се случува овој двоен аршин во постапувањето, кога се нападнати или има закани кон политичари тие брзо се процесуираат, но тоа не е случај со новинарите. Таков пример е и 27 април, кога судството ги одби тужбените барања на новинарите, а кога политичарите беа нападнати, тогаш  насилниците завршија во затвор. “ (Чадиковски).

Тој како прв човек на ЗНМ со години скоро секојдневно реагира, доволно гласно и остро, што станува невозможно да го одминете, да поминете покрај него, но со сето тоа добива само еден резултат- да се премине низ него, како да е сенка, невидлив, нечуен глас, особено кога гласно говори за клучната алка, која е непостоечка, затоа што е нефункционална- Обвинителството.“

 Не сме задоволни од тоа како Обвинителството ги процесуира нападите и заканите кон новинари, и тоа постојано го укажуваме не само јавно,  туку и на работни средби со важни домашни и меѓународни фактори. Од ОЈО бараме и формирање специјално одделение што ќе ги гони само овие престапи а овој предлог е разговаран и со Министерство за правда. Ветуваат, чекаме работна група во рамки на Министерството кое треба да работи на оваа проблематика веќе од почетокот на наредната година“.

За  Тања Милевска немаше специјално одделение кое сега го ветува власта- помошта ја добила од белгиската организација на новинари и пружиле помош- и психолошка и правна, имала бесплатен психолог и адвокат.  “Тогаш се чувствував изолирано, несигурно, се преиспитував, како што може само жена тоа да го прави- јас згрешив, можеби не требаше,  јас ја имам вината. А кога ќе ти пружат помош, не се чувствуваш никогаш повеќе виновна.“ Чадиковски вели дека пружаат бесплатна помош, и психолошка и правна: „Годишно десетици новинари ја користат правната помош која подразбира бесплатно правно советување, бесплатно застапување на суд но и правна помош во комуникација со институции а во насока на заштита на правата на новинарите“.

И новинарот Томислав Кежаровски  ја имаше сета поддршка и помош од новинарите, и целата новинарска заедница беше зад него. Беше залудно. Во 2013 година доби казна притвор скоро две години, поточно 22 месеци ( 5 месеци во затворот „Шутка“, а година и седум месеци во домашен притвор ), но потоа, на почетокот на 2015 година, еден месец помина во затворот „Идризово“, сето тоа за време на поранешното владеење на Никола Груевски. Времето поминато во притвор го нарече „живот во кутија“, што е наслов на книгата што ја објави за деновите во притвор.

Тој е прогласен за виновен затоа што во текстот од 2008 година го открил идентитетот на заштитен сведок во случајот со убиството на велешанецот Лазе Милошовски. Неговите адвокати тврдеа дека во моментот кога бил откриен неговиот идентитет, тој воопшто не ни бил во статус на заштитен сведок,а по објавувањето на текстот доби статус на заштитен сведок, додека самиот сведок подоцна изјави дека полицијата го принудила да сведочи лажно.

Слично како Алфред Драјфус, но Кежаровски беше затворен заради новинарски текст, слично како Емил Зола тој самиот, и сите новинари во негово име му извикуваа на Груевски- „J’accuse“.

За новинарската легенда Никола Младенов, се уште нема објаснување зошто сообраќајната несреќа остана ad acta- несреќа под мистериозни околности, повторно, како и затворската казна за Кежаровски, во времето на владеењето на Груевски. Можеби во неговиот весник „Фокус“ треба секогаш на насловната страница да пишува „J’accuse“. Само така може да се сфати значењето на неговата порака на главата на овој весник: „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина на безрбетници. И тука- нема компромис“.