25 минути

Време за плачење

Во целата сага за Новак Ѓоковиќ нема никаква смисла понатаму да се дотура сол на раната на ранетите Македонци, кои заедно со браќата Срби офкаат и лелекаат за политичките удари, кои којзнае по кој пат ги добиваме, но кој некогаш и помислил дека има правда во светот на политиката?

Но, во светот на науката правда секогаш имало- таа отсекогаш била наменета особено за послабите, кревките, незаштитените од надворешните удари, оние сиромашните, кои сепак станале свесни дека без таа наука светот ќе беше преполовен одамна, низ вековите.

Да не беа научните врвни дела, којзнае дали воопшто и ќе постоеше напредок на цивилизацијата, дали ќе ја нарекувавме така воопшто.

Немаше да имаме предци, ќе беа изумрени на пола пат низ столетијата, од шпански грип, сипаници, вариола вера, детска парализа, тетанус, дифтерија, голема кашлица, рубеола, хепатитис А, Б, ХПВ, којзнае уште колку болести и уште толку вакцини, за кои ние и не сме чуле дека постојат на Запад, а со децении ги примаат децата од развиените финански, и на секој друг начин, моќни земји. Токму затоа, секако дека и тој, како идол и модел за пример на младите генерации, но и човек кој, како што пишува „Гардијан“, донирал во респиратори, вентилатори и многу други неопходни лекови за Ковид, можел даде сериозен придонес во зголемувањето на свеста за важноста од вакцинирањето, на прво место.

Потоа, да не стане силна карика  во производството и хранењето на митовите и оглупувањето на масите со анти-ваксерството, туку секако дека можел да стане заштитен знак во нивното рушење, во намалувањето на огромната бројка на невакцнирани, не само во Србија, туку и во целиот свет. Макар и во оваа мала, расплакана и утепана во поим од сите страни Македонија, несвесна за последиците од Ковид, за огромната смртност, за подоцнежните последици од болеста дури и кога е асимптоматска, за економското уништување од невакцинирањето, ако веќе сурово се игнорираат црните статистики на покосените семејства.

Можеби не можел да се вакцинира заради некоја негова болест, но секако дека друго многу повеќе можел- да придонесе сериозно во апелите за вакцинирање и да му помогне на светот кој стана глув, слеп и пред се глуп, сомелен од  вртлогот на опасните лажни вести во социјалните медиуми и порталите, славејќи го неговото име, како статусен симбол на невакцинирањето, како очигледен доказ за пропаста која чука на вратата, ако токму неговиот пример се следи, како божество на вечните народи, овие тука и оние, во соседството.

Можеше да му помогне на светот кој две години се руши и пред неговите очи, благодарение на тоа што се дави во глупостите кои и тој самиот ги хранеше, да го погледне светот и да сфати дека единствената сламка во конечниот потоп ја носат вакцините. Веројатно тоа е лекцијата која ја научивме на најтешкиот начин, по патот по кој се кука за неговата евентуална депортација, наместо освестувањето да биде за жртвите на Ковид пандемијата и кревање глас за важноста од вакцинирањето. Историјата тоа ќе го памети, на наше општо жалење.