25 минути

Да ви ја имав младоста

Да ви ја имав младоста, но не и паметот, да бев Влада, секако дека немаше да велам дека не знам во што се состои францускиот предлог за симнување на бугарското вето. Дека го немале видено, можеби само, така малку, потчуено. Начуено, насетено. Да ви ја имав младоста.

Затоа што, ако овој предлог треба на 23 јуни да биде претставен во ЕУ, секако дека на секој со бистра памет му е јасно дека ниту една здрава земја како Франција, не може да ви даде само пет дена за да ја решавате иднината, од која зависат бугарските барања. Да ви ја имав младоста, но не и паметот.

За тие ситни денови, такви се тоа денови, кои брзо пролетуваат дур да трепнеш, додека кажеш, полека, имајте милост, не, не бараме воопшто милост, но дајте време да собереме сила само да прочитаме. Да ви ја имав младоста, но не и паметот.

За тие кревки, кутри пет дена, кои тежат колку векови,  не може да се разгледа најпрво таков предлог, да се разлистаат страниците, да се има време да се прекрстите, да се чудите на умот како брзо ви летнуваат деновите, а не сте дошле ни до омразата која ќе ви ја мерат оние од ЕУ, под диригентската палка која е како стап тешка,  на Бугарија.  Никаде не пишува дека ние треба да молчиме за омраза и дискриминација на малцинствата од нивна страна, но проблемот е што ако проговорите, ризикувате да ви биде ставено на товар дека вашиот протест подразбира омраза. Се е заплеткано и тешко, многу тешко. Да ви ја имав младоста, но не и паметот.

Па потоа, во тие денови не ви останува ниту прозорче мало, ниту едно масиче расклатено, столче изабено, за да се седне и да се допреговара. За да се каже за нешто дека не оди така, господа. Како ќе се мери вака умот на омразата, и овие запирки ќе мора да ги мерите, криво ли се посадени, извадени од македонски, здрави букви испрчени, од јазик за кој бугарската страна ќе има да соопшти нешто на посебен лист, којзнае што. Да ви ја имав младоста, но не и паметот.

Каква мешаница, точно е дека она што најмногу боли, тоа е македонскиот јазик, тој изгледа заштитен.  Во францускиот предлог нема да биде  ставен од прашање во таа преговарачка рамка. Таа рамка се надвиснала, се фатила најмногу за омразата, за дискриминацијата, па добрососедството, но тука е и Договорот за добрососедство, кој говори и за образованието, тука се нови стапици во историските читанки.

Но, повторно, од каде се измисли, и од каде се здаде таа омраза, која вага ќе ја мери и премерува, кои мечови ќе ја сосечуваат таа омраза. За неа и за се останато што ќе биде зациментирано во таа преговарачка рамка може по сто пати да не враќаат, да не шибаат со стапови, да се надене секоја буква на колец, и ова сега удирање по букви може да заболи. Да се одбијат такви букви, заоблени и исправени,  може и веднаш. Да ви ја имав младоста, но не и паметот.

А ако навистина оваа власт, оваа Влада нема претстава што е тој француски предлог, пак проблемот лежи во нив. Каде им се главите отидени, на што мислат кога не мислат, кога седат по конференции, панели, дискусии, форуми, по канцелариите, на средбите со Бугарите, на телефонските разговори со Макрон. Што прават, кога ништо не прават. Што работат, кога ништо не сработуваат. Да ви ја имав младоста, но не и паметот.

Најмал проблем е внесување на Бугарите во Уставот, иако навистина мора некој да објасни, каква стапица се крие зад тоа во иднина, затоа што за 3.504 Бугари во пописот, не вреди да се подигне пенкало, не па да се потпише нешто. Точно, разликата помеѓу големите лидери и обичните политичари е оние првите да носат храбри одлуки и да преземаат одговорност за нив. Затоа, потребни се гаранции за оценка на спроведување на сите овие барања на Бугарија- а тоа е премногу тешко, сеедно што можеби ќе биде ЕУ повикана за судија, затоа што во политиката е наивно да се смета на неутралност, праведност, чесност.

Ќе речете до Европа е. Ќе речете до Франција е. Сигурно ќе речете до Бугарија е. Не, до нас е. Што ние ќе прифатиме, а што ќе одбиеме. Ех, да ви ја имав младоста, но не и паметот.