25 минути

Jас немам ништо друго да ви понудам

Винстон Черчил освен што бил голем лидер, веројатно и најголемиот, опишуван е како великан кој имал моќ да направи светот да падне на колена, токму со неговите славни говори кои удирале директно во градите.

Иако грмел за да може неговиот глас да го растресе светот, тоа во суштина биле емотивни обраќања, чесно и храбро  истапување пред нацијата, затоа што немало друг начин, ниту избор, а тој знаел дека не смеел да не ја кажува вистината: „Јас немам ништо друго да ви понудам, освен крв, мака, солзи и пот.“

Говори полни со метафори,  илустративни, имагинативни, кои сликовито ги опишувале “најмрачните денови“. Овие обраќања на Винстон Черчил се сметаат за најмоќниот мотив за охрабрување, кога мекоста и поетичноста еднакво им требале на борците, на хероите во Втората светска војна, како што им требал и цврст, одлучен, непопустлив тон. Зборовите на Черчил ја инспирирале нацијата да преживее.

Така изгледаат врвовите на политиката. Авторитетот се црпи од способноста и цврстата рака, но ако не ја покажете ранливоста, ако немате чесен пристап кон скоро паднатата нација, ставена на раб на уништување, ако не направите еден фин баланс од одлучност и човечност, никогаш нема да ја кренете на нозе сопствената нација. Во најмрачните денови е неопходен лидер.   

Поминаа 77 години од неговиот последен говор, кој го одбележа завршувањето на војната.

После долги 77 години, во македонскиот Парламент како никогаш досега владее примитивизмот- срамни сцени на навреди, пцуења, колнења, кошкање гради в гради, споредување на ЕК претседателката Урсула фон дер Лајен со нацистка, од страна на ВМРО- ДПМНЕ. Нивниот патриотизам го темелат и мерат зависно од физичката надмоќ, самите поставувајќи си ги границите на борба со сопствената интелектуална немоќ.

Она што единствено имаат да понудат опозициските пратеници е подготвеноста да се истепаат, да се измлатат, како во кланица, држејќи се цврсто за кладата на Левица пред Собранието, како одвојувањето парчиња месо да се најголемиот доказ за „големиот“ збор со кој мавтаат секојдневно- македонизам, вечен да е. Кутриот тој збор, му се превртуваат цревата од вечноста со која мора да се тормози пак.  

Така нашите пратеници ги запозна Урсула фон дер Лајен, така ги запозна Европа и светот. Овие луѓе не помислиле дека натпреварот во политиката не е боксерски ринг на потечени носови и одгризани уши. Доколку беа водени од желба, страст, амбиција кој ќе го одржи најдобриот, највеличенствениот, застрашувачки најмоќниот говор, така и ќе останеа запаметени. Би биле, после 77 години отсега, можеби и би биле запишани, да сакаа. Или подобро, да знаеја.