25 минути

Ода за великаните

Критиките на стручната фела, на македонистите, за содржината и правописот на Декларацијата за македонскиот јазик се апсолутно неосновани и се граничат со неразумност. Нивните забелешки се однесуваат скоро на секој збор, запирка и слово, на секој слог и секоја голема буква. Колку се тие мали, смешни, ситни, жалосни- тие се само научници, но над нив се оние најголемите, највеличенствените- политичарите. Тие го имаат последниот збор, тие се владетелите и газдите нивни, само тие, само политичарите смеат самите на себе да си ја потпишат пофалбата на лудоста.

Нивната намера, на научниците, на македоностите, е очигледна- да го урнат огромниот успех на политичарите, кои со потполно право се одушевени од самите себе, си ракоплескаат меѓусебно, слават сами со себе и за себе, си честитаат и се фрлаат во прегратки како да се разделиле од родителите во градинка, за да се расклацкаат со децата низ паркчињата.  Тие не гледаат воопшто ниту на знаците на патот, ниту пак околу себе, ниту пред себе, најмалку во себе.

О, да, драгите наши политичари се фасцинирани од сопствениот лик во огледалото, гледаат гиганти пред себе и не веруваат во сенките наоколу, оние кои се надвиснале. Тоа се тие сериозни но нежни критики, кадифен тон кој нашиве политичари не го ни потслушнуваат, онака зарипнати во викањето, за да се чујат само тие самите.  Мекиот глас на критичарите им предлага да не ги удираат толку силно градите, да запрат малку со дуењето на тие гради, да не експлодираат од одушевеност од самите себе,  што им се пружила неверојатна можност да состават сосема сами, без никаков надзор на возрасни, реферат за тоа како тие ја доживуваат историјата на македонскиот јазик.

Можете да замислите што ќе се случеше да им се доделеше на нашиве политичари составување на сосема нов Устав, или можеби да замолите за кратка анализа за Мисиров, или зошто не, во сиот свој сегашен жар, кога најмногу им оди, да напишат нова химна.

Нашиве македонисти, нашиве научници се сега шокирани, додека политичарите презадоволно и презриво ги гледаат и си велат- кутрите тие, книшки молци, со носовите вкопани во прашливите архиви, вкочанети од болка од грбот, од болка што се превртува во гробот мајчиниот јазик.

Тоа е таа приказна, иако прекратка за читање, таа е предолга за овие времиња, кога нашиве политичари немаат време да читаат, ниту да научат, ниту да дознаат дека постојат научници, професори, стручњаци, експерти, чија работа е македонскиот јазик, но за нив тие не се толку големи како нашиве политичари. Тие, политичарите, се уште поголеми експерти од експертите, тие се најголемите, великани поточно, особено по пишување на македонскиот јазик со голема буква. Како што им прилега на големите бранители на македонскиот јазик.