25 минути

Алкалоид: Позитивни финансиски резултати во 2022

АЛКАЛОИД со раст на консолидираниот извоз од над 16 %, консолидирани продажби од 231,9  милиони евра и со 187 нови вработувања во земјава во периодот јануари – декември 2022 г. 

Приходи од продажби 

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2022 година продажбите достигнуваат 10.538.230.192 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 14.289.050.974 денари, што е за 12 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. 

Продажби според региони 

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 16 %. Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 30 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 16 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби. 

Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Полска каде продажбите се дуплирани, потоа во Романија (раст од 81 %), САД (раст од 51 %), Грција (раст од 43 %), Грузија (раст од 35 %), Бугарија (раст од 25 %), Ерменија (раст од 21 %), Косово (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 8 %), Хрватска (раст од 7 %), Германија (раст од 7 %) итн. Во 2022 година во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 18,7 милиони денари и во Монголија, во износ од 12,8 милиони денари. 

Продажби според групи производи 

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, кардиолошките препарати со 13 %, невролошките препарати заземаат 13 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарствоучествува со 12 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 3 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 2 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2021 година. Сегментот фармација бележи раст од 12%, хемија од 10%, козметика од 5% и билкарство од 20%. 

Инвестиции  

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2022 година изнесуваат 1.474.213.445 денари. 

Резултати од работењето 

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.381.036.341 денари, бележи зголемување од околу 9 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.411.542.911 денари и е зголемена за 10 %. 

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.537.701.372 денари и бележи раст од 10 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.463.420.874 денари е зголемена за 12 %. 

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи.