Одушевени сме сите од најавата на премиерот Ковачевски дека ќе направи граѓаните да имаат стандард како во Југославија.
Никој веќе не се сеќава дека комунизмот и социјализмот завршија со дебакл. Кој ќе ја памти сега насилната историја на балканските земји. Се заборава фактот што комунизмот ги супресираше слободоумните мислители. Ги поткаструваше крилјата на секој дрзок интелектуалец, кој мислеше поинаку. Идејата да се биде интелектуалец секако дека подразбира дрскост.
Стандардот кој сега се слави, се потпираше на милионски кредити, кои по смртта на Тито доведоа до очајни редици пред самопослугите, супер- маркетите и гранапчињата- за малку зејтин, трошка кафе. Една партија, еден медиум и ништо не смееше повеќе од тоа. Голи оток беше касапницата на комунистичката идеја. Колапсот на Југославија заврши со крвав расплет.
Македонија го имаше Киро Глигоров и единствена излезе неповредена од лудилото на Милошевиќ. Се разбира дека Македонија никогаш не знаела да ги слави своите најголеми ќерки и синови. На Глигоров му припадна само едно училиште во центарот на Скопје. Денот кога е роден таткото на македонскиот јазик, Блаже Конески, никој не се сети дека треба да биде прославуван како државен празник. Останаа само во наследство религиозните празници на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа и Мицковски одржува партиски митинзи во Охрид, го прославува 25 мај во црква- Денот на сесловенските просветители. Мицковски повикува на чекор напред, три века назад. Сепак, мора чесно да се признае- Југославија сепак знаеше многу подобро од тоа.