Никој не се загрижи за изјавите на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп- за „корупцијата, за нелегитимноста на Судскиот совет, што е сериозно и болно за гледање“.
А и зошто некој би се загрижил? Каде би ги одвело тоа македонските власти? Или пак судиите, обвинителите, таа света апостолска дружина, распоредена и распослана како низ ренесансните слики, со грозјето во рацете и виното кое тече низ набрекнатите усни. Декаденцијата е одамна нивната определба, кутрите тие неразбрани, навредени судии од Судскиот совет, кои остро ги демантираат наводите на холандскиот амбасадор.
Што си велат тие, хорски, низ тајните средби, кога никој не може да допре до нивните кафкијански судски лавиринти: зошто би се откажале од таа рајска градина која ја создале, зошто воопшто би ја корнеле, зошто плодовите би ги исплукувале, зошто би се срамеле од сопствената гнилост? Таа е нивниот личен печат, зелепен на челото, жигосани со сопствена волја, горди на кругот кој сами го исцртале и си потпишале дека од својата кожа просто не можат да избегаат.
Корупцијата е слаткиот сок кој го цицаат како новороденчиња безгрижно, занесено во лулката која сами си ја изрезбале, приспивни песни самите на себе си пејат, каква леснотија од уништен живот.
Никој не им е потребен, наоколу се опкружени со лути непријатели, Агелер, Коп, новинари, невладини, а најмалку ги боли она шо треба најмногу- презирот од народот.
Се сеќавате секако- по изјавите на американската амбасадорка Анџела Агелер за корупцијата, Ковачевски и Османи со денови климаа со глава и ја вртеа загрижено, порачувајќи- каква е таа среќа што и Агелер конечно дознала за нашата несреќа?
И Агелер и Коп малку закасниле, тој воз одамна тутни со панична сила, со сожалување си велат тие. Ние сме стари страдалници, знаеме за царството на корупција многу повеќе и многу поодамна, и што со тоа, резигнирано констатираат. Ништо со тоа. Буквално ништо, едно големо, џиновско ништо.