25 минути

Послушајте, патриоти

Жителите на Слупчане се вистински патриоти на оваа држава. Не пуштаат ниту полиција, ниту екипи на ЕВН на својата територија, по цена дури и да нема никој никогаш струја, не само во сите околни села, туку ако треба низ целата земја.

Овие луѓе се бескомпромисни домаќини- не сакаат да ги плаќаат долговите што ги направиле за струјата, не сакаат да им се наплаќа повеќе од 3.000 денари, не сакаат никој да им се обраќа без употреба на Ваше Височество, не сакаат ништо што може да ги изнервира. Тенки се на живци, веднаш експлодираат.

Со оглед на ваквите напнати околности, дојдено е до решение, за кое гарантирале и политичките партии.

Какво е решението не е соопштено, нормално, со оглед на тензичните околности, дури и на партиите им е страв да ги погледнат Екселенциите од Слупчани, замислете да им се префрли дека ги погледнале попреку?  

Не е јасно ни кои се тие политички партии кои се вклучиле во процесот на преговори и склучиле примирје. На сите ни е страв да прашаме, видете, постои огромна опасност да не ги изнервираме Блаженствата од Слупчане, па да не наметнат ултиматум до државата- ние да им ги плаќаме сите сметки, до една. Не само за ЕВН, диктатот за сметките сега се зголемува до невидени размери. Денеска сметки, утре барањата ќе бидат да им работиме по дома, задутре веќе да им заработуваме ние, потоа да им ги отстапиме колите, становите, на крај ќе дојде судниот ден. Да ѝ кажеме збогум на државата.

И во право ќе бидат, подобро знаат како навистина треба да се грижат за сопствената земја, отколку ние, би рекол некој анархист. Секако дека на тој начин пропаста најлесно доаѓа, но сепак, Височествата од Слупчане не треба да се отфрлат во тешки времиња, кои прераснуваат во невремиња. А, да им дадеме столче на преговорите со Бугарите?