25 минути

Ќе дојде тој ден

Ќе дојде ден кога болните од канцер ќе победат. Ќе ја извојуваат нивната приватна, најтешка  битка со болеста и ќе оздрават. Надежта за таков ден никогаш не напушта.

Но, тие ќе видат и други подобри денови. Ќе дојде ден кога ќе сфатат дека нивните протести заради скандалот со Онкологија не биле залудни. Затоа што ќе дојде ден кога сите што се вмешани во овој ужас ќе одговараат. Таков ден не смее да не дојде. Одземањето на животот не смее да остане неказнето. Тоа никогаш не може никој да го прости, и затоа денот доаѓа. Сега изгледа недостижен тој ден, но нема да заборавиме. Секој ден ќе потсетуваме, сè  додека не го дочекаме тој ден.

И овие протести на болните од канцер никако не се нивна лична битка за правда. Зад протестите стоиме сите ние, со име и презиме, ова се протести за сите наши луѓе кои мора да победат, покрај сè , на крајот.

Ќе дојде ден кога оние кои мораат ќе ги слушнат потресните сведоштва на болните за надежта која ја имале секој ден, како се урнала кога се соочиле со скандалот. Ќе мора да дојде денот кога ќе го сфатат стравот оние луѓе кои треба да спроведуваат правда. Стравот на болните за секој ден- дека е последен. Ќе дојде тој ден, токму во тоа име, да го донесат тој ден на правдата сите оние силни истражители, обвинители, судии,

Ќе дојде и тој ден кога болните од канцер, ретки болести, од дијабет…- сите тие да ги добијат своите лекови. Ќе добијат и одговори зошто се мачеле со години. Ќе ги добијат и имињата на виновниците. И казната ќе дојде со тој ден.

Денот ќе дојде за казна и за сите оние функционери на кои сега им се намалуваат годините за затворски казни, застарувања на дела, чиста, кристална  амнестија. Наплатата мора да дојде, не смее никој да се извлече, груевизмот не смее да се повтори. Ние сме тука за да потсетуваме за секој терор од тоа време, но и како не смее да остане само во нашите сеќавања. Денот на казна мора да дојде.

Има уште многу денови пред нас, додека навистина дојдат тие денови за кои долго се бориме. Старите демократии познаваат векови, борејќи се за тие денови на правда, на светлина, на слобода. Пред сè – на право на живот. Дали ќе дојде тој ден од нас зависи, од никоj друг.