25 минути

Силната ти, Горде

Сигурна сум дека никој од политичарите и функционерите нема бугарски пасош, и покрај тврдењата на бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев дека се работи за 120.000 пасоши. Не, сигурно никој нема, особено власта, уште помалку опозицијата. А зошто би имале? Прашајте ги нив, нормално, ќе ви кажат дека Македонија е прекрасно место за живеење. Особено за нив. Исклучиво само за господата во политиката, партиите, никаде повеќе, никаде помалку.

Ова е земја каква нема никаде во светот. Ним најдрага. Земја во која со посебна радост. со новиот Кривичен закон, политичарите се согласија да не бидат казнувани, да бидат помилувани, да им застаруваат делата, да бидат новите господари на нашиот мал, анонимен, неважен живот во нивните очи.

Земја во која лидерот на опозицијата, Мицковски, со бескрајна среќа ја прими во прегратка Гордана Јанкуловска, штотуку пристигната од затвор, на еден мал, исполнет со радости викенд. Таа со новиот Кривичен закон, според најавите, наскоро и сосема ќе се врати дома.

Сцена од која се топат и двајцата, капат од среќа, додека не станат една голема лочка на подот, која никогаш нема да може никој да ја избрише.  Таа ни се лепи на нозете, зацапуваме, нема бегање од неа, она што ни преостанува е сите потоа ја разнесуваме, каде и да одиме. Оставаме траги и дома, ги гребеме и кинеме, спремни сме да ги раскинеме, самите да се откинеме. Ги размачкуваме по рацете, низ лицето. Како шамар остануваат црнила низ образите. Остануваме ние, тоа сме ние- оние кои се смешни, со прст да не покажуваат.

Земја во која ниту Мицковски, ниту неговите никогаш не се извинија за ништо. А зошто, кога злоделата се наградуваат во оваа земја. И нема зошто некој да се извинува, новиот Закон за кривична постапка покажа дека оваа земја е правена исклучиво за нив.

Не се предавај Горде, доаѓаат уште поубави времиња, зошто да не, секогаш ти се насмевнува нова власт, нови можности, нови победи. Шамарите ние ги примаме во оваа земја, која по се изгледа не е повеќе за нас. Но, доколку сакаме тука да останеме да живееме, борбата е се што имаме.