Најправедната одлука на оваа Влада е зголемување на функционерските плати за 78%. Потоа беше се полесно. Правдата дојде на голема врата со прогласување на основни прехранбени производи како луксуз. Како вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи- „Не навлегуваме во дефиниција што е луксуз и за кого е луксуз“.
Едноставна е пресметката. Со новите даночни мерки, перките од ајкула, кавијарот, тартуфите и слични будалаштини кои секаде најчесно се дефинираат како луксуз, имаат еднаков данок од 10% како чајот, цвеклото и биберот. И феферонките и лутеницата. И храната за бебиња. Ова е само дел, најапсурдниот дел од основните производи кои оваа Влада ги прогласи за луксуз.
Да ги прогласите цвеклото, чајот и биберот за луксуз- зарем не е најлогичниот потег ако минималната плата е 20.175 денари или 350 евра. Во исто време, платите на високите функционери- се над 2.000 евра. Нобеловата награда за економија оди кај оваа Влада.
Пред една година напишав дека не им завидувам на македонските министри. Тие имале тешко, макотрпно детство. Биле принудени да растат со трпези за кои сè уште носат трауми. Пораснале исклучиво на супа од перки на ајкули, морски кучиња, китови, делфини и тартуфи.
Како објаснуваше премиерот Ковачевски во декември 2022- „Ако го зголемиме данокот на перки на ајкули, морски кучиња, китови, делфини и тартуфи како на сите останати производи, ќе предизвикаме инфлаторен ефект“. Во превод- сите тројца во државава што јадат супа од перки на ајкули, морски кучиња, китови, делфини и тартуфи, ќе доживеат емоционален шок, од кој тешко може да се преживее. Така држави пропаѓаат, така нации исчезнуваат, така се распарчува душата на политичарите- одземете му ја перката од ајкула, како да сте му ја одзеле причината за постоење, како да сте му го уништиле животот. Кралство давам за перка од ајкула.
Дајте им ги сите мориња и океани, затрупајте ги со перки од ајкули, никогаш заситени, никогаш доволно најадени, колку и да се опкружени со морски кучиња, тие се повеќе заглибуваат во сонот за вулгаризирање на политиката.
Не им завидувам на македонските министри. Тие немале воопшто нормално детство како сите ние. Биле со години измачувани со храна која денеска можат да си ја дозволат само- засега преживеаните руските олигарси кои стравуваат за секој нов ден- во какво расположение ќе се разбуди Путин, разулавените мафијаши и- остануваат уште само тие, кутрите македонски министри. Сите принудени да се борат на софрите со ајкули, морски кучиња, китови, делфини и тартуфи.
Во едно ужасно време, ако се вратиме години наназад, во режимот на Груевски, изживувањата на неговите функционери со месото од бизон беа последната шајка на политичкиот сандак.
Им завидувам на македонските министри. Никој не знае каде се купуваат ајкули, морски кучиња, китови, делфини, па дури и таруфи. Но, тие немаат време сега за тоа, тие брзаат, тие не се свртуваат, само бараат перки од ајкули, бегајќи од главата. Не се ни ајкулите од вчера, знаат кој им ги исекол перките пред да им летне главата, особено што таков чин е со закон забранет.
Граѓаните се гладни и жедни за правда, правичност, достоинствен живот. Вие господа министри, сте спаднале на жед и глад за перки од ајкули и морски кучиња, за китови и делфини. Добар апетит, драги министри, уживајте додека можете. Дури и бизоните кои ги јадеше на времето Груевски се вчудоневидени и засрамени- колку предалеку отидовте, колку длабоко пропаднавте.