25 минути

Справување со дигиталното родово базирано насилство преку акција и солидарност заедно со Мрежа Стела

Дигиталниот напредок, иако е трансформативен за многу сектори, со себе носи и предизвици како дигиталното насилство. Македонија, и покрај нејзиниот напредок во родовата еднаквост – со неодамнешна оценка од 64,5 поени на Индексот за родова еднаквост – се соочува со тешка битка. Со сегашната стапка на напредок, гледаме во долго 57-годишно патување до родова еднаквост во сите домени.

Дигиталното насилство, особено неговата корелација со родово базирано насилство, во Македонија претставува итна загриженост. Застрашувачки се глобалните податоци кои откриваат дека 58% од жените преживеале дигитално насилство, од кои голем дел се соочуваат и со физички и сексуални закани.

Во нашата земја, случаевите како „Јавна соба“, се само еден пример каде се злоупотребува експлицитна содржина без согласност, се уценуваат и таргетираат жени и девојки.

Препознавајќи ги овие предизвици, нашата организација Мрежа Стела започнува активности за справување со дигиталното родово базирано насилство и целосно се залага за афирмирање на родова еднаквост и во онлајн и во офлајн сферата.

Дел од клучните иницијативи во рамки на оваа кампања се:

  • Локални настани: Преку нашето партнерство со повеќе организации, ќе организираме пет настани, секој прилагоден на локалните потреби. Активностите ги започнуваме на 25 октомври во Space Tetova со првиот настан Дискусија за книга и проекција на филмот „Круг“ каде учесниците ќе имаат можност да го истражат светот на технологијата, приватноста и личните граници.

Во склоп на дискусијата, ќе зборуваме и за Поимник на родово базираното насилство извршено со (зло)употреба на технологиjата (UNFPA) дискутирајќи како дигиталниот свет влијае на родовата динамика. За да присуствувате на настанот пријавете се на овој линк.

  • Активностите ги продолжуваме со активно учество во глобални кампањи: Ќе го одбележиме настанот „16 дена активизам против родово базирано насилство“, работејќи да ја подигнеме свеста за заедно да осмислиме решенија, но и превенција и заштита.
  • Мултимедијална кампања: во која ќе се користат интерактивни алатки за расветлување на дигиталното насилство, насочени кон младите.Зајакнувајќи го потенцијалот на солидарноста, очекуваме младите да учествуваат во креирање на содржини. Целта е да се поттикнат оние кои се соочиле со овој проблем самостојно да се приклучат во изнаоѓање на решенија преку споделување на нивните идеи и искуства преку артистички форми.
  • Комбинирајќи содржина со автентични наративи создадени од младите, ќе се обидеме да поттикнеме акција против дигиталното родово базирано насилство.
  • Заеднички работилници и дискусии: Заедно со нашите партнер(к)и, ќе организираме работилници на теми како сајбер безбедност, дигитална самоодбрана и свесност за известување за инциденти поврзани со дигиталното родово базирано насилство.
  • Соработка со образовните институции: со цел да го интегрираме образованието за дигитално насилство во академскиот дискур.
  • Онлајн системи за поддршка и известување: Целиме кон создавање корисни онлајн платформи за помош на жртвите на дигитално родово базирано насилство, почнувајќи од линии за помош па сѐ до механизми за известување преку социјални канали. 

Со цел кампањата да допре до пошироката јавност, содржините ќе бидат дистрибуирани на македонски, албански и англиски јазик. Со здрави партнерства, целосно следење на ситуацијата и механизми за повратни информации, спремни сме брзо да се справиме и прилагодиме.

Ова не е само уште една кампања. Ова е повик за акција. Дигиталното родово базирано насилство е реалност, и појава што можеме да ја промениме. Со ваша поддршка, можеме да го преобликуваме дигиталниот пејзаж во нашата земја правејќи ја побезбедна, поинклузивна и ослободена од родово базирано насилство со подсредство на технологија. Застанете со нас во ова трансформативно патување.

Овие активности, Мрежа Стела ќе ги организира во соработка со своите партнери и соработници, со финансиска поддршка на Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Кога дигиталното родово-базирано насилство излегува надвор од екранот”.