25 минути

Границите на холандскиот амбасадор

Во право се сите кои велат дека холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп целосно ги премина сите граници, мешајќи се во внатрешните работи на земјава.

Вели дека не ги сакаме нивните, европски вредности, туку само нивните пари. Точно, а како инаку би имале корупција, непотизам за кои говори и протестира? Како ние би го покажале во вистинското светло менталитетот на измама и културата на корупција- за кои говори, ако политичарите имаат чесен и праведен пристап?

Амбасадорот на Кралството Холандија мора да знае- политичарите веднаш би му одговориле, да беа чесни и праведни- нашата идеја е повеќе од благородна,  елегантна- ние знаеме да ги трошиме нивните пари онака како што сакаме и умееме, а она што бараме од нив е само тие да молчат и да ни аплаудираат. И да ни даваат секоја година се повеќе и повеќе милиони евра, нивните граѓани да работат за нас, затоа што многу повеќе заслужуваме да уживаме од нив. Зошто заслужуваме не прашувајте, не е пристојно премногу да се мешате во внатрешните работи на оваа земја.

Конечно, тоа е вистинска солидарност на вредности кои ние ги знаеме, им ги наметнуваме и бараме од нив да ги почитуваат.

Тоа биле пари на нивните даночни обврзници, вели амбасадорот, и затоа нивна одговорност е да се трошат на вистинскиот исправен начин- за реформи во оваа земја. Но, холандскиот амбасадор грубо се меша во внатрешните работи и по оваа основа, непочитувајќи ги нашите методи и нашиот уникатен начин за иновативност во реформите. Реформите се одраз на нашиот менталитет- и имаат вистинско име-непотизам, корупција, измамништво. Тоа тој мора да го знае и да го почитува, ако веќе одбива да се воодушевува. Треба да му биде чест што ќе дава пари, многу пари, стотици милиони евра. Додека нашите политичари се изживуваат со финансиската помош на Холандија, Америка, Германија…., нам треба да ни биде чест што мизеруваме.

Неговите критики еднакво се и кон верските заедници за кои говори, „кои ја блокираат Истанбулската конвенција. Политичарите и натаму се нечујни и сакаат да се фотографираат со свештениците и оџите“. Каде е тука проблемот, господине амбасадоре? Зошто се мешате во нивното покорно бацување на рацете на верските лидери? Како поинаку би ги испрале сопствените гревови нашите политичари?

И за крај- не заслужуваат ли нашите политичари еднакво огромен стандард како холандските граѓани? Каква е таа дискриминација, господине амбасадоре Дирк Јан Коп? Велите дека мислите на нашите граѓани и на нивниот достоинствен живот, еднакво како што вели и американската амбасадорка Анџела Агелер. Ние мислиме само на благосостојбата на нашите политичари, во тоа се разликуваме. Доколку тие се среќни и задоволни, ние можеме мирно да заминеме од овој свет. Да беше поинаку, да мислевме дека ние сме тие што заслужуваме достоинствен живот и среќа, ќе се боревме за сето тоа.

Затоа, оставете не да пропаѓаме и мизеруваме, ние сами го одбравме тој пат, затоа што не веруваме дека ние сме тие што ги покренуваат промените. Имавме само една револуција- Шарената, и сметаме дека тоа е доволно за следните сто години. Кренавме раце разочарани што не успеавме во промените, да ја донесеме правдата. Нас не не интересираат другите демократски земји на кои им биле неопходни векови за борба, за да се изборат самите за достоинствениот живот кој го имаат денес. Ние сакаме за 30 години да го имаме она, за што ним им требале векови- борби, протести, маршеви, револуции, дисидентски движења, востанија, бунтовништво, народен отпор. Низ вековите само со борба преводена од интелектуалната елита да се менува политичката култура, менталитетот на измамништво, корупција, непотизам. Тоа е единствениот можен начин, но демократските земји сакаат поинаков след- со голема финансиска и секаква друга помош кон нас да го постигнат она за што тие со векови се труделе и мачеле, низ сите тие варијации на борба. Тоа не оди така. Затоа, потребни се поостри критики во нивните извештаи, во нивните говори, во нивните посети, но и во нивната помош, конечно.

Но, еден ден амбасадорите ќе мораат да кажат- доста е од нашата финaнсиска помош- но, за промена  да побараат од македонските политичари да објаснат зошто е навистина доста, наместо што тие излегуваат со образложенија. За конечно нашите политичари да признаат дека Бугарија нема никаква допирна точка со корупцијата, непотизмот, измамништвото, клиентелизмот. Да го покажат огледалото во кое се гледаат и да кажат- тие сме, ние сме оние заради кои мизерувате. Заслужуваме поостри казни во Кривичниот законик, наместо што ги намаливме и ни застареа делата. Наместо што ги зголемивме сопствените плати на 78%, ние сега мораме да ги вратиме сите плати, но и да ни конфискувате се, доколку незаконски сме стекнале. Ова е можеби вистинскиот начин за да почнеме одново, господине амбасадоре Дирк Јан Коп.