25 минути

Дајте вино, сакам лом

Со радост и нетрпение го очекуваме министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје следнава недела. Со одлука на Владата, администрацијата и школите нема да работат два дена, за да биле избегнати гужви и хаос. Со мала доза на владин камшик- првиот ден администрацијата сепак ќе отворела до 12 часот, затоа што кафето треба да се испие, за да не се тетураат како пијани низ остатокот на денот нашиве стотици илјади бубашваби.

За администрацијата особено ни е драго што ќе одмори, затоа што низ годиниве сите блескави оценки што ги добиваат од Европската комисија се токму во прилог на законска одлука за нивно неработење. Неефикасна, неспособна, некадарна, партизирана, вклештена од партиските канџи,  огромна, мастодонска бирократија. Загушена од мевливте, прашливи архиви, затрупана  од тони хартија, со никаква намера да се дигитализира, затоа што не знае дури ни дека кабелот треба да се приклучи во струја, за да проработи компјутерот.

Таквата администрација не работи 365 дена во годината, овие два дена и доаѓаат само како законска потврда дека и без неа се може, онака како што во време на Ковид пандемијата беше неупотреблива. И сепак, какво пријатно изненадување, државата и без овие изгубени чиновници тогаш сепак некако функционираше.

Ваквите инвентивни одлуки на Владата секако дека треба да се залијат со вино и да се закитат со песна, запечатени на регионално ниво. Затоа и со гордост беше проследено видеото до јавноста како во транс пејат во Белград, Ковачевски, Вучиќ и Милатовиќ „Дајте вина, хочу лом“.

Ломот во сопствените држави го имаат цело време, на што се особено горди, затоа и мора да се залие со вино ваквото расуло од држави.  Виното им служи само како државнички манир, начин да покажат како можат да прават што ќе посакаат, без да сносат никакви последици за нивната борба во безгрижно одржување на тој циркус од ломови.