25 минути

Семејно насилство

Точно е сѐ како што кажува премиерот Ковачевски. По тепањето на контролор на летање, тој изјави дека оваа фирма станала семејна и „имаат конфликти како што имаат луѓе по дома“. Претходниот директор на Контрола на летање, Фахрудин Хамиди, еднакво зборуваше дека тепањето всушност било „мало кошкање, како во секоја фирма“. Како што е општо познато, тоа е нашата култура, во генот е всадено- дома не кршат од тепање, додека во фирмите каде што работиме само нѐ кошкаат.

Да не претеруваме- нормално е во оваа држава насилството и треба да бидеме благодарни што функционерите не нѐ викаат по кабинетите да ни удрат една заушка, макар превентивно.

Како вели Ковачевски „треба да се каже фала на вработените во МВР кои сликаат и изработуваат пасоши“. Тоа е најдобрата шанса за функционерите за воспитната заушка- доколку не одите лично да им се заблагодарувате на вработените во МВР,  што ви прават чест и ви работат пасоши и лични карти, следната дестинација е Кабинетот на некој функционер, по ваш избор. Ќе молите за мало кошкање, ако ги збеснете нашите функционери што не им ги бацувате нозете на оние кутри страдалници, што деноноќно ви прават документи, скапани и малаксани од таа тешка, физичка, но и интелектуална работа.

Функционерите, таа нежна и благородна сорта, токму тие ви овозможиле да ја имате таа слобода да се движите низ ходниците, каде што со денови, со часови папсувате од чекање, додека не затвори шалтерот. Пред вас е следниот ден, годината, животот. Чекајте додека не се костуросате. А што ви е другата опција? Да ве искошкаат на работа, или да ве млатосаат дома. Чекањето пред шалтерите е единствената мирољубива зона, каде што сте слободни и што е поважно, ненатепани. Барем засега.