25 минути

Едно окце полузамижано

Премиерот Ковачевски вели дека е нормално земји во транзиција да имаат непотизам, но додава оптимистички- доаѓа време кога ќе добиеме професионалци.

Но, вистинското прашање е- кој го спречуваше досега Ковачевски да се бори против непотизмот? Која беше таа сила што му ги врзуваше рацете, му ги затвораше ушите, му ги заклопуваше очите, за мирно да продолжи да констатира непотизам.

Се фрлаше на земја и се преправаше дека е мртов, кога се спомнуваше зборот непотизам, но и корупција, која е тесно врзана со семејните врски. Офкајќи и туфкајќи што се го снашло, сепак останува прибран, за да ја извиди ситуацијата макар струполен и емотивно распарчен. Со едното око полузамижано подгледнуваше дали навистина сите го гледаат, дали се сведоци колку станал ужаснат од непотизмот и корупцијата, просто не можел да ги преживее. Преку него мртов само- тоа порачуваше со второто око, кое се затворило само од себе само за да не гледа, рането и навредено од состојбите во државава.

Тој уште кога стапи на политичката сцена беше свесен дека е политички инвалидизиран. Беше приморан на секакви отстапки, на секакви замижувања, затворања на ушите, на празни ветувања, на неисполнувања кои се подразбираат. Тоа беше единствениот услов ако сакаше да ја прифати премиерската фотелја, но и доволно долго да ја окупира, за сега да не помислува да ја отстапи.

Сега конечно се освести дека иднината е вистинското време, само треба да ја доживееме.

Но, сега е веќе предоцна. На шаховската табла е распореден стратешки Христијан Мицкоски, сеедно што не се откажува од детските игри без граници, ги растура пионите, велејќи дека нема да гласа за техничката влада, се додека Талат Џафери раководи со неа.

Само чудо ќе може да го спаси Ковачевски, но и сите нас, ако продолжи онаму каде што застана. Еднакво е чудото и во случајот со Мицкоски, ако продолжи онаму заради што замина Груевски. А во политиката нема чуда, за жал.