25 минути

Вакцинирајте ги децата

Случајот со магарешката кашлица, одбивањето на родителите да ги вакцинираат своите деца, ужасно потсетува на тешките, мрачни времиња на ковид пандемијата. Што пишував тогаш: Колку повеќе мртви од ковид во оваа земја, толку многу повеќе антиваксери- дрвени глави, тврдоглави глави, зачаурени глави на ноеви. Сега со кашлицата, тие глави се во облик на магариња. Тие се оние кои одбиваат да мислат, да размислат, да сфатат, нивните прсти одбиваат да бидат ставени на чело, за да разберат докрај.

Неверојатно е како не можеа да процесуираат едноставни, прости факти- дека ни се случуваа секојдневно национални трагедии со толку многу мртви во Ковид пандемијата, илјадници закопани, уништени животи на нивните семејства. Враќање нема.

Не можеа да разберат, не се знае од кои проклети причини, дека нашето здравство е распаднато, одамна гнило, распарчено на милион делчиња распрскани, но така безмилосно, за да не можат да се состават. Не постои, мртво е, закопано, не можеше одеднаш да оживее, за да не прими сите нас, за да не згрижи, како да сме му најмили, како навистина да сме му важни.

Не допира до антиваксериве фактот дека ние навистина сме трета земја, којзнае и дали може да се наречеме во развој, нас груевизмот не докрајчи сосема. Затоа и  опоравок господа, нема.

Ние одамна немаме доволно доктори, ниту соодветен медицински персонал, ниту лекови, ниту апарати, ниту доволно боци за дишење, ниту штрафчиња барем за машини, од барем нешто да се присостават, да закркорат барем за миг. Разбудете се, немавме во време на ковидот ниту чаршафи- за сите да не заклопат, кога ќе издишеме за последен пат.

Немавме ништо, тоа беше едно големо ништо за да се надевавме дека ќе преживееме. Барем еден, за да помни, да се сети, да раскажува како тиранијата на неразбраните, на антиваксерите, била погубна за сите нас.

Тогаш кога доаѓаме предоцна во болница, тогаш кога се надеваме дека ќе не примат, тогаш кога одбиваме да нѐ примат, тогаш кога не сакаме да признаеме дека сме заразени, тогаш кога не нѐ интересира дали воопшто сме се заразиле, тогаш кога одбиваме да носиме маски, тогаш кога со лудите глави во торба ја сееме насекаде заразата, на племенските прослави, свадби, крштевки, на работа, дома, на сопственото семејство, тогаш, најважно од сѐ – кога одбиваме да се вакцинираме. Така изгледаше времето на ковид пандемијата. Лудите тврдоглави глави не ја научија лекцијата на антиваксерството, колку може да биде погубно.

Не, ние не сме ниту Данска, ниту Шведска, не можеме да се надеваме дека сепак ќе преживееме, и дека будалите господ не штити, не можеме да си дозволиме да филозофираме и да сееме зарази низ земјава која кутрата не крепи, да посејуваме и да жнееме глупоштини за (не)ефикасноста на вакцините и како требало да го слушаме и ослушнуваме сопственото тело, а не науката.  Таа иста наука без која цивилизацијата немаше да се случи, без која светот ќе пропаднеше многу векови претходно, тоа е таа наука која ја исмеваат

Така тие господа антиваксери замислуват дека се научни гиганти и ги анализираат во нивните нобеловски движења од Фејсбук групи антителата пред и после болеста, во комбинација со, или без вакцина, зависно од методологијата на генијалциве. Дебатираат длабокоумно за разните производители на вакцини, за составот и векторите, кои едвај можеме да ги изговориме, но сепак- светот мора да признае дека сме неуништливи во величината на глупоста која единствено ние можеме да ја произведеме.

Немаме простор да си дозволиме да уживаме во лажните вести, дури  не смееме да ги нарекуваме смешни и патетични, ние мораме да разбереме конечно, дека лажните вести за короната убиваа, како и сега за магарешката кашлица.

Тие лажни вести не се тивки убијци, туку се најгласните, најужасните, тие испуштаат претсмртни крици и се закануваат сите да нѐ истребат. Разбудете се конечно, затоа што одамна стана предоцна.