25 минути

Најдобрата политичка операција на СДСМ и ДУИ

Вадењето на нови лични документи со името Северна Македонија ја покажа неверојатната способност на СДСМ и ДУИ за владеење, за менаџирање со едноставни операции, но и за служење на интересите на граѓаните. Оваа епизода  е најдобар доказ дека мора да победат на следните избори. Како инаку би продолжиле овие невидени успеси кои се нижат, без око да им трепне, без да се замислат, без да се запрашаат- што правиме побогу? Дали сме ние нормални?

Кој би се сетил на само неколку часа пред полноќ, кога доаѓа 12 февруари, итно Собранието да заседава за да се дозволи да важат старите возачки дозволи барем во Македонија. Никому не би му паднало на ум, се разбира, но во тоа се гледа генијалноста на една влада, на оваа Влада. Затоа и мора да победат на овие избори, со ваква ладнокрвност, самоувереност, би било штета да не се владее вечно.

Кој би помислил да издава документи со Република Македонија и покрај обврската да се менуваат, за да се почитува Преспанскиот договор? Се разбира, само СДСМ и ДУИ можеа да смислат ваква неверојатна операција, која ќе се прераскажува низ историјата, која ќе биде запишана во учебниците, која ќе се изучува низ светските научни кругови, како маестрален потег од епски размери. Внимавајте, каков генијален политички трик е тоа- да земаат пари од граѓаните за издавање на лични документи со старото име, за некоја година подоцна, повторно да земаат пари од истите тие граѓани, но со новото име. Непроценлива штета би била ако не победат на овие избори, не би имало смисол, што би правеле ние без нив и конечно- тие без нас. Кроткиот, покорен македонски народ на се е подготвен, на се се согласува, без исклучок.

Ако погледнете малку подобро, пошироко од сопствените граници, го имате Алексеј Навални. Човекот кој го жртвуваше сопствениот живот за својата земја, за своите сограѓани, за иднината. Таквите борци се запишуваат во историјата како најважните за една земја, но, секако и за светот. Како поинаку светот би опстанал, би се одржал, ако останеше само Путин и пред него се покаже само земја- чистина, во која владее најгласниот молк на невидливи, непостоечки граѓани. Само хероите можат да го спасат светот од пропаста, и затоа Навални е толку важен и голем за сите нас.