Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмети за осумте хеликоптери за АРМ, вредни 230 милиони евра од италијанската компанија „Леонардо“, но и за набавката на 22 амбулантни возила преку тендер на Министерството за здравство.
Новата претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, за Радио Слободна Европа, вели дека предметите се отворени по допрен глас, а се однесуваат на тоа што смеат а што не смеат да прават функционерите и институциите по 14 февруари, кога беа распишани претседателските и парламентарните избори.
„Отвораме предмети на сопствена иницијатива, по допрен глас од медиумите, за актуелни случаи пред избори. Двата предмети за набавките на хеликоптерите и на амбулантни возила, со 13 други предмети, значи имаме 15 предмети поврзани со изборниот процес”, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата.