25 минути

Сметката за наплаќање чука на вратата

На никого не му се лоши од македонските политичари на изборите. Граѓаните сонуваат, копнеат да ги гледаат деноноќно, додека не папсаат. Животот има смисол кога се будат гласачите од кошмарите, за да се соочат со тажното време на виртуелната реалност.

Им се појавуваат насекаде нашиве политичари, ги следат притаено  со нивните измазнети и светнати лица, без брчки и свиснати лица како целиот останат чесен свет, кому секоја лузна на лицето и телото е добиена од минатиот труд на борење со егзистенцијалните прашања.

Нашиве политичари блескаат од свежина, не виделе ниту мака, ниту страдање, сјаат како да се мумифицирани, како да живеат се уште во некоја заборавена комунистичка држава, која ги глода своите поданици, на сметка на водачите кои зграбиле се што е можно да се присвои, уживајќи во своите најдобри денови на раскош и беда од другата страна.

Ги фотошопирале некои од  кандидативе за избори на билбордите и рекламите, како да се тинејџерски инфлуенсери, изгубени во измислено време, кое само вештачката интелигенција може да го преживее.

Плаќаат милиони за рекламите на некакви агенции, кои во некоја попристојна држава би добиле дебели тужби за стрес и срам од сликите кои изгледаат сосема спротивно од она што би требало да биде прикажано. Изгледаат како овие агенции да се исмевале со нив, затоа што ги ограбиле со прикажување на  најлошите можни копии на самите себе. Онака како што изгледа и политиката која ја претставуваат- нам не ни требаат ниту ЕУ, ниту НАТО, ниту соседите, нам ни треба амнестија на насилниците на 27 април, нам ни треба повторување на теророт, политичките пресметки, изолацијата која ја наметна владеењето на Груевски. Штета што СДСМ низ овие седум години не сакаше да расчисти со таквите времиња, туку активно учествуваше во нивното враќање, обвинувајќи не сите нас кои го предупредувавме, наместо да се освести и да ја затвори таа страница. Сега е веќе доцна, сметката за наплаќање се заканува дека доаѓа на изборите. Тик-так, тик-так.