25 минути

Ексклузива на “Вашингтон Пост”: Ова е тајниот план на Трамп да стави крај на војната во Украина

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како и кандидат на Републиканската партија за претседателските избори на крајот на годината, е подготвен да изврши притисок врз Украина да се откаже од полуостровот Крим и пограничниот регион Донбас во корист на Русија во размена за мир, наведуваат американските медиуми.
Повикувајќи се на извори запознаени со планот, “Вашингтон Пост” пишува дека тоа е нацрт на ветувањето на Трамп дека ќе преговара за договор меѓу Киев и Москва во рок од 24 часа по изборот за претседател.
Таквата политика би претставувала целосен пресврт на поддршката дадена на Украина од администрацијата на Џо Бајден.

И покрај постојаните изјави дека може брзо да ја прекине војната, во која загинаа илјадници војници и цивили, Трамп допрва треба јавно да каже како тоа може да се постигне.
Неговиот предизборен тим ги отфрли најновите извештаи, за кои рекоа дека доаѓаат од „неименувани и неинформирани извори кои немаат поим што се случува или што ќе се случи“.
Минатиот месец, по состанокот со поранешниот американски претседател, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека Трамп ќе го затвори финансиската помош што и овозможи на Украина да и се спротивстави на Русија.

“Нема да даде ни цент за украинско-руската војна. Затоа војната ќе заврши”, изјави Орбан. Тој додаде дека Трамп има „прилично детални планови“ за тоа како да ги прекине борбите.
Според “Вашингтон Пост”, Трамп верува дека и Русија и Украина сакаат војната да заврши.
Во исто време, кај многу републиканци постои растечко противење за продолжување на финансиската поддршка за Украина, при што Конгресот одби да усвои сеопфатен пакет финансиска помош.
Минатиот месец Бајден можеше да ја заобиколи опструкцијата на Конгресот со тоа што најде заштеда од 300 милиони долари во постоечкиот буџет на Пентагон за да обезбеди краткорочна помош за Киев.
„Оваа муниција ќе и помогне на Украина за некое време, но само за некое време“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на Белата куќа.
Сепак, администрацијата призна дека пакетот е недоволен за да се одржи украинскиот отпор на долг рок.

Извор: Вашингтон Пост

Фото: Brendan Smialowski/Afp/

Profimedia