Парламентарното Собрание на Советот на Европа го поддржа приемот на Косово за членство во Советот на Европа и го покани Комитетот на министри кој ќе се состане во средината на мај, да донесе таква одлука.
Нацрт-мислењето за барањето на Косово за членство со кое се препорачува прием на Косово беше поддржан од 131 пратеник, додека 29 гласаа против, а 11 беа воздржани.
Грчката пратеничка Дора Бакојани како известувачка за Косово порача дека и покрај загрижувачкото влошување на состојбата со човековите права во Косово, особено кога станува збор за правата на малцинствата, излезе со силна препорака за прием на Косово. Притоа, изрази уверување дека властите во Приштина се подготвени да продолжат со суштинските реформи.
Бакојани рапортираше дека има три клучни проблеми кои мора да се решат, а кои се однесуваат на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Косово за враќање на имотот на манастирот Високи Дечани, проблемот со незаконска експропријација на имотот на Србите од Косово, како како и формирањето на Заедницата на српските општини. Сепак, оценката е дека имплементацијата на одлуката на Уставниот суд на Косово, која чекаше на имплементација од 2016 година, а со која имотот му беше вратен на манастирот Високи Дечани, претставува голема победа за владеењето на правото.
Шефицата на српската делегација Билјана Пантиќ Пиља пак, ја критикуваше препораката за прием на Косово во Советот на Европа, гледајќи ја како преседан што ќе ја отвори Пандорината кутија. Освен тоа, тас потенцираше дека Србија ќе размисли дали сака да биде член на организација која сериозно го крши меѓународното право.