25 минути

Време за смеење

Го гледам Ковачевски, лидер на СДСМ, ден по дебаклот на претседателските избори, расположен и насмеан дава интервју, како да победил во тројни избори и- му завидувам. Може да не ви е симпатичен, особено со неговата ароганција и самоувереност, безобразна незаинтересираност за сè освен за себе, но, не може да не му се восхитувате. Не е возможно да не се шокирате- како тој го објаснува поразот на изборите и искрено верува во сè што збори, таа леснотија и лагодност, која никаде не може да ја сретнете. Таа ладнокрвност, тоа студенило- не е лошо за лидер кој оди во пропаст и знае дека тука е крајот, но не попушта до самиот тој крај.

Да беше Македонија во некоја сериозна криза, воена, здравствена, апокалиптична, таа ладна глава на Ковачевски ќе беше најдоброто што може да се испорача во такви моменти. Енергијата, веселоста, тешко може да ја добиете во некакви историски моменти на слободен пад, тогаш кога сите се фаќаат за глава и не гледаат ниту излез, ниту спас, заразно изгледа оптимизмот на таков лидер.

Но, за жал на Ковачевски, ништо од тоа немаме денес. Само едни жални, катастрофални бројки, што уште потрагично може да се пресликаат сега, на парламентарните избори. Веројатно тие резултати ќе го направат уште повесел, уште порасположен. Тој најискрено, од дното на душата верува дека сторил сè што можело во одредени моменти, дека пречките биле секакви, што можел тој околу тоа, господо драга?

Видете, да беше Заев, сепак ќе беше поинаку. Ќе се држеше за срцето, ќе ги признаваше секојдневно сите грешки, ќе молеше за прошка, за малку милост, да си ја чукнеме главата, да знаеме што правиме во следниов круг, на 8 мај, да се освестиме и да попуштиме. Од помалото и поголемото зло, да го бираме првото, зошто крајот ќе не одвлечка којзнае каде, онаму каде што никој не може да нè спаси.

Е, да, сега е веќе доцна да се кае и Ковачевски, со таа разлика- што тој воопшто не се кае за ништо. Има тој теории разни за резултатите кои му ги испорачаа граѓаните на претседателските избори. Се држи строго и не попушта- Ковид кризата, војната во Украина, енергетската криза, се е тоа сметката која му била испорачана однадвор, сето тоа морало да се средува, да се бори до последен здив.

Кадрите, исто така лошите кадри биле проблем кој го наследил, не можел да ги отстрани, тоа диво месо се зацврстило, не се дава, се замотало околу неговиот врат и го давело сè до крајот, додека не го докрајчило. Но, ништо од тоа не е доволна причина да не прославиме. Ќе се борел тој сè до последните минути од неговиот краток и скромен политички живот, затоа што донеле демократија, слобода, каква што претходно немавме. Само едно Ковачевски не разбира, и тие околу него. Луѓето немаат апсолутно интерес за ваквите големи идеали за демократија и слобода, во вакви случаеви. Тогаш, кога се само приказни за успивање на широките народни маси, за кои политичарите веруваат дека се доволно глупави и мутави, за да бидат третирани како кутри, изгубени овци, со потценување и надменост.

Најдобриот одговор за причините за поразот на СДСМ го добив од еден скромен продавач, во една уште поскромна и пораспадната продавница, од еден гигант- фирма во социјализмот, која се разбира дека пропадна, како и сè од тоа време. Одговорот беше во три збора- не се грижеа за народот. Човекот мислеше пред сè на парите, на стандардот кој му се срушил, онака како што и животот му одминува и му се распаѓа пред неговите очи. Но, мислеше и на сè друго, сè околу него што гледа, што знае, што сите ги снашло. За демократијата и слободата тој не говореше, но, ако малку ја разбистриме главата, неговиот живот е отсликан во таа демократија и таа слобода. Мојов човек, продавачот, сака уште да живее, но сака поинаку од досега. Сите сакаат, за жал. Друго е прашањето што ќе се испорача сосема на крај, која сметка ќе ја платиме сите.

Дали сите навистина пропатеа од режимот на Груевски, дали воопшто знаеја што ни се случуваше, кога со таква носталгија ги спомнуваат тие времиња. Дали Мицковски ја научил лекцијата, како ќе заврши приказната со Ахмети, кој ништо овие децении не разбрал, ниту посакал да подразбере барем малку. Одговорот е во времето за плачење.