За некого можеби и не е проблем кога премиерот Мицкоски вели дека има чувство дека ќе бидат гонети поранешни премиери, претседатели на Влада, нивните семејства. Има чувство, не информации, и тоа чувство станува сѐ посилно.
Проблемот настанува тогаш кога се испоставува дека сите имаат чувства, за кои Владата нема информации. Чувство дека се сиромашни, а за тоа никој не знае и не се грижи. Кога би знаела власта за тоа чувство, би презела нешто, но нема такви информации, за жал. Со оглед на тоа што власта вели дека сме трета земја по раст во Европа, тоа чувство за сиромаштија нема логика. Затоа и сите молчат и ги кријат чувствата за мизерен живот. Ништо од тоа не е научно поткрепено.
Интересно, статистики за сиромаштија не сме прочитале одамна, освен онаа од 2024 година, на Уницеф, кој се повикува на Државниот завод за статистика, дека секое трето дете во Македонија е сиромашно. Поточно, 32,8 отсто од сите деца во земјава, живеат под националниот праг на сиромаштија-приближно 120.000 деца, или секое трето дете. Секое второ домаќинство со 3 и повеќе деца и со самохрани родители живее во сиромаштија. Стапката на сиромаштија кај децата е за 50 отсто повисока отколку кај возрасната популација (22 отсто).
Кога станува збор за повеќедимензионалната сиромаштија, во една студија на УНИЦЕФ се заклучува дека лишувањето од образование, ран детски развој, исхрана, безбедност, љубов и грижа спаѓа меѓу првите 5 фактори што придонесуваат за детската сиромаштија во Северна Македонија. Децата-Роми имаат трипати поголема веројатност да доживеат повеќедимензионална сиромаштија во споредба со вкупната детска популација. Два региона, источниот и југоисточниот, имаат висока застапеност на повеќедимензионална сиромаштија, а полошкиот и скопскиот регион, исто така, покажуваат висока ранливост.
Оваа студија на Уницеф би требало да биде главната политика на јавно изразување чувства на оваа Влада и на премиерот Мицкоски. Се надевам дека ќе се сменат чувствата на власта и сиромашните. Власта да започне да се грижи за чувствата на сиромашните, а тие пак, најзагрозените и најпогодени од сиромаштија, да ја почувствуваат таа грижа. Затоа што, овие деца, секое трето дете во сиромаштија, што добива од чувствата на премиерот Мицкоски за СДСМ, за поранешните премиери, претседатели на Влада, нивните семејства.
Добро е да се имаат на ум децата, кога се зборува за чувствата. Да не се заборави дека нашите чувства се неважни, кога станува збор за солзите на едно дете, да се послужам со зборовите на Достоевски.
