25 минути

Како мачињата станаа тигри

Одлично поентираше министерката за финансии, Гордана Кочовска:” Има некои проекции што ги имаат меѓународните финансиски институции, во следните 10 до 15 години, големи европски земји, десетици, ќе банкротираат. Ова значи дека нашите луѓе што живеат во Европа гледаат каква е ситуацијата, што не можеме да го кажеме за нас, напротив, добивме пофалби од ММФ и Светска банка во врска со консолидацијата на буџетот“.

Се разбира, ние како моќна велесила, финансиски гигант, невиден економски тигар, можеме да ги примиме не само нашите иселеници, туку и  сите кутри, банкротирани европски граѓани. Е, затоа и не одел на работа во Владата на Мицкоски, вицепремиерот за, каква иронија во функцијата- добро владеење, почитуваниот Арбен Фетаи.

Мицкоски кажа дека ќе го прати веројатно во Брисел, како специјален претставник. Што друго би правел таму, не сме наивни и ние, секако идејата е да ги обучува европските земји како да пропаднат. Тоа е всушност нашата тајна мисија, како побрзо да се банкротираат тие земји за кои говори министерката Кочовска. Нашата специјалност е токму тоа-одлично, не одите на работа, заслужено, тоа подразбира дека земате функционерска плата. Но, тоа не е сѐ. Дополнително ве наградуваат-не само што останувате на втората највисока функција во Владата, туку и ја циментирате фотелјата за добро владеење . Фетаи дури и не ја клати вратата на вицепремиерската канцеларија, а сепак зема плата.

Но, да заокружиме- ни олесна кога дознавме дека се работи за исклучително деликатна мисија во Брисел, во Европскиот парламент. Да ги обучува најстручниот кадар во историјата на кадрите и експертизата-да не се работи ништо,  а сепак да се зема плата, како инаку банкротирале полесно?

Ќе им биде голема чест да се преселат во земјата на поддржувачите на големите иноватори, но не ако се такви дами, што би рекол министерот за полиција, Панче Тошковски за Славјанка Петровска во Собранието. Одлично ќе биде овие европски граѓани од банкротираните земји кога ќе дојдат тука, да бидат исмевани како Славјанка Петровска, тогаш кога ќе почнат да ја критикуваат власта, навикнати на тоа како функционира демократијата во нивните земји. Неа министерката Кочовска со право лани остро ја предупреди дека нема право да спомнува во прашањата мајки и семејства, за разлика од неа, која е мажена и има два сина. 

-За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. За грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме, па во најевтините маркети купувам замрзнат грашок, рече тогаш министерката Кочовска од собраниската говорница.

За жал, ја немаме сите таа уникатна можност да бидеме успешни во мажењето и во синовите. Но, затоа имаме господски и дамски арсенал, уште многу специјални понуди за навреди, исмевања, омаловажувања за европскиве граѓани, идните гревни просјаци кои се пакуваат за нѐ окупираат, но не откриваме сѐ.  Внимаваме, не сме ние од вчера, можат многу лесно да се полакомат па да дојдат уште ноќва, да ни разграбаат од природните и разни други богатства, неброени, невидени, нечуени. Сепак сме разулавени економски ѕверови, но во тајност го држиме тој факт, како и тоа богатство, затоа што, само најпаметните ги следи среќата. А будалине европски, нека си замислуваат дека е обратно.